Доналд Трамп денеска пред федералниот суд во Вашингтон треба да се изјасни за обвинението, кое го обвинува за обиди за поништување на резултатите од изборите.
Преземени се дополнителни безбедносни мерки околу судот и во самата зграда, во кои се вклучени припадници на безбедносните агенции, тајните служби и полицијата, пренесува Ројтерс.
Preparing for CIC Trump to be indicted in DC pic.twitter.com/ykCNtgkCIj
— PresidentTrump4🍊🍊🍊🍊🍊 (@Magadonians45) August 3, 2023
Група од 20 тешко вооружени специјалци заедно со куче трагач ја проверуваат зградата. Пред зградата на судот беа поставени заштитни огради, а приврзаниците на Трамп се собраа заедно со бројни медиумски тимови.
Се очекува Трамп да пристигне во Вашингтон со авион од Њу Џерси еден час пред закажаното сослушување во 16 часот по локално време, односно 22 часот по средноевропско време.
Специјалниот обвинител Џек Смит во вторникот поднесе ново обвинение против Трамп, кое се состои од четири точки во кои поранешниот претседател е обвинет за измама на САД, заговор за попречување на службените постапки (пренос на власта), попречување и обид за попречување на службената постапка како и кршење на правата загарантирани со законите и Уставот на САД.
Тимот на Трамп рече дека поднесувањето ново обвинение претставува „патетичен обид на криминалното семејство Бајден“ и нивното Министерство за правда да се мешаат во претседателските избори во 2024 година.
Трамп има можност денеска лично да се појави пред судијата, но тоа може да го направи и преку видео врска.
Судијата ќе одлучи и дали обвинетиот ќе биде приведен или ослободен со кауција, пишува Voice of America, додавајќи дека се очекува Трамп да се изјасни за невин.
Против Трамп веќе има два процеси, но тој се уште се подготвува за претседателските избори следната година.
Во април тој стана првиот поранешен претседател на САД обвинет за кривично дело.
Обвинението со кое ќе се соочи денеска се чини дека е најсериозно.