Македонија е закована на самото дно на земји во транзиција според влез на странски инвестиции, а Владата упорно ја форсира тезата дека Македонија е „даночен рај“ за инвеститорите и претставува популистичка политика за домашна употреба – се наведува во извештајот на „Транспарентност Македонија“.
Тие прашуваат колку пари изнесува трошокот на економските промотори на земјата во странство, кога резултатите се невидливи.
ТМ наведува дека покрај ниските даноци кои ги нагласува Владата, постојат и други фактори кои го детерминираат нискиот обем на странските директни инвестиции, меѓу кои се политичката нестабилност на Македонија, контролата на судството, неразвиената инфраструктура, корупцијата како и неефикасната, а многубројна јавна администрација.
Воедно, како што пишува во извештајот на Транспарентност, премиерот Груевски најавува проект со кој Агенцијата за странски инвестиции ќе направи веб – страница на која ќе бидат ставени преку 400 објекти кои се неискористени, а ќе им бидат на располагање на инвеститорите.
– Значи ли овој пресврт во политиката на Владата дека ТИРЗ, всушност, не дадоа никакви резултати и дека инвестициите во ТИРЗ се неоправдано потрошени државни пари? Или и оваа прикаска за „400 неискористени хали“ е наменета само за домашната јавност, за да се создаде перцепција дека Владата многу напорно работи, иако резултатите од тоа се минимални? – прашуваат од Транспарентност Македонија.
Петар Клинчарски