Во конаците на манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“, кај Крива Паланка, денеска започна дводневниот семинар под мотото „Културно наследство без граници“.
На овој културен кампус со свои лични трудови – статии учествуваат 22 автори од Крива Паланка и Ќустендил, Република Бугарија.
– Соработката меѓу нашите два прекугранични соседни градови Крива Паланка и Ќустендил продолжува и на полето на културата, а преку овој проект се дава и конкретен придонес кон зачувувањето и афирмирањето на културно-историското наследство од кривопаланечката и ќустендилската област, истакна пред отворањето на семинарот кривопаланечкиот градоначалник, Арсенчо Алексовски.
Тој додаде дека неодамна со заеднички сили на двата соседни града се изгради и велосипедска рекреативна патека на кејот покрај Крива Река во самото централно градско јадро.
Дводневниот семинар „Културно наследство без граници“ се одржува во рамки на проектот „Културно наследство на нашите предци – духовен столб на нашата зедничка европска иднина“ од вториот повик на ИПА-програмата за прекугранична соработка на Европската унија меѓу Македонија и Бугарија.
Директорот на кривопаланечкиот Градски музеј и творец на „Славишки зборник“ истакна дека трудовите од овој семинар ќе се објават во вонредно издание на истиот и тоа на македонски и бугарски јазик со кратки резимеа на англиски јазик.
Организатори на семинарот се Општина Крива Паланка и регионалниот историски музеј „Академик Јордан Иванов“ од Ќустендил.