По повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, денеска во просториите на Националната галерија (Мала станица) беше отворена изложба на ракотворби од кинеската област Чианг.
Изложбата е резултат на духовната и на културната рехабилитација, а секој експонат е рачно навезан од девојките од малцинството Чианг во регионот Венчуан.
– Ова уникатно творештво е многу блиско до нашето народно творештво со корења кои лежат длабоко во историјата и кои во себе вградуваат траги и наслојувања од разни изминати епохи и култури. Формирањето на везбеното творештво во една посебна народна уметност секако најмногу се должи на колективните уметнички потенцијали на средината во која се создавало. А во тој поглед и македонскиот, и прекрасниот вез кој потекнува од малцинството Чианг јасно сведочат за творечката уникатност и извонредност на неговите создавачи, рече на отворањето на изложбата претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски.
Односите на Македонија и Кина, како две пријателски држави, потенцира Вељаноски, се движат во незапирлива нагорна линија при што ги карактеризира атмосфера на меѓусебно почитување и постојана желба за унапредување на соработката во сите можни области.
– Една кинеска поговорка вели дека секое време си има свои јунаци. Јас слободно можам да кажам дека времето на Кина на светската економска сцена, рамо до рамо со останатите светски колоси, е дојдено. Чекорите од седум милји кои кинеската економија веќе подолго време ги прави на глобалната сцена ја направија сериозен фактор и партнер во креирање на глобалните текови во светот. Овие импресивни развојни резулатати го прават нашето пријателство и соработка уште понеопходно и подобредојдено, истакна претседателот на Собранието.
Додаде дека покрај добрите односи, споделувањето на убавите нешта, за Македонија и Кина е заедничко и тоа што и во двете се случија земјотреси кои оставиле белези на земјите.
– Катастрофалните земјотреси во Скопје и Сичуан однесоа многу жртви и разурнувања на имотите, но тие беа и се уште се поттик за заедничко развивање и практикување на солидарноста, помоштта и вкупната рехабилитација на оние кои пострадале. Тие се поттик за развој на градителските вештини и на понепосредната соработка на тој план, рече тој.
Градоначалникот на Вечнчуан, Ванг На истакна дека пријателството меѓу Македонија и Кина се покажало со помошта што, како што рече, љубезниот македонски народ му ја дал на кинескиот во справувањето со катастрофалниот земјотес.
– Се повеќе кинески туристи доаѓаат во Македонија, каде не само што уживаат во културниот гламур и прекрасните пејсажи, туку го зголемуваат и разбирањето и пријателството меѓу нашите две земји, рече таа.
Додаде дека Чианг е една од најстарите националности во Кина и Чианг везовите се главна одлука на чијанг културата.
– Везовите се скромни и едноставни но, богати во културна конотација, тие се везени убод по убод од везилките и истовремено се важен носител за разбирање на културата на Чијан, рече На.
На отворањето на изложбата присуствуваа и кинескиот амбасадор во Република Македонија Цуи Џивеи, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, собраниските потпретседатели Јани Макрадули и Светлана Јакимовска, претседателката на парламентарната група за соработка со Народна Република Кина, Силвана Бонева.