На Мадона и се слошило додека работела на нов таен музички проект, тврди The Sun.
Само неколку часа пред 64-годишната поп ѕвезда да биде пронајдена во бесознание и итно пренесена во болница, таа била во студио за снимање и работела на нова песна со Кети Пери.
Според добро информиран извор за The Sun, Мадона ја поканила 38-годишната поп икона да ги здружат силите, а дуетот на Мадона и Кети Пери требало да биде лансиран за прослава на четириесет години од музичката кариера на Мадона. Се вели дека Мадона е голем обожавател на Кети Пери и со нетрпение ја очекувала нивната заедничка работа.
„Сега најважно е Мадона да се опорави. Се чувствуваше лошо за време на снимањето со Кети, но како и секогаш кариерата ја стави пред своето здравје, а овој пат испадна фатално. Можеше да заврши сето ова и многу полошо. Што се однесува до проектот на Мадона со Кети, тоа засега е ставено во мирување“, изјави извор за The Sun.
Британските медиуми пишуваат дека Мадона се форсирала бидејќи се уште очајно сака да биде најголема ѕвезда.
„Истовремено заборава на годините, не размислува за своето здравје. Се надеваме дека сега, откако заврши на интензивна нега и мораше да ја одложи планираната турнеја поради сериозна бактериска инфекција, конечно ќе сфати дека здравјето е на прво место и треба да ја направи потребната пауза“, велат пријателите на пејачката на Пејџ Сикс.
„Овој шокантен колапс на ѕвездата всушност е аларм за Мадона, која верува дека е неуништлива и премногу често се турка себеси надвор од границите, особено во периоди кога подготвува нови проекти. Така беше и со подготовките за нејзината нова турнеја на која работеше и повеќе од дванаесет часа дневно. На пробите за турнејата пукаше од среќа, со нетрпение ги очекуваше претстојните концерти, кои беа повеќе од осумдесет, а беше целосно несвесна како овој ентузијазам за работа влијае на нејзиното здравје“, пишува Daily Mail.
Менаџерот на Мадона, Гај Осери, потврди дека поради болест, музичката ѕвезда морала да ги одложи сите деловни обврски, вклучително и турнејата која требаше да започне на 15 јули во Ванкувер. За новите датуми на концертите фановите ќе бидат информирани подоцна, објасни загрижениот менаџер кој не сакаше да ја демантира или потврди веста дека на Мадона и се слошило откако снимила дует со Кети Пери.