Американскиот Стејт департмент денеска соопшти дека и Косово и Србија мора да преземат итни чекори за деескалација на тензиите, вклучително и безусловно ослободување на тројцата косовски полицајци приведени од Србија.
„Ние веруваме дека и Косово и Србија мора да преземат итни чекори за деескалација на тензиите“, изјави за новинарите портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Апсењето на полицајците вчера е последен во серијата настани што ги зголемија тензиите меѓу Косово и Србија, подгревајќи ги стравувањата од ново насилство меѓу поранешните воени непријатели.