Поранешниот американски претседател Доналд Трамп по сослушувањето во судот во Мајами изјави дека Соединетите држави се корумпирани.
„Имаме земја која е корумпирана и која нема граници, земја која нема ништо друго освен проблеми“, рече Трамп по излегувањето од судот во Мајами. Тој тврди дека американската нација е во пад. „Земјата се распаѓа како никогаш досега и не можеме да дозволиме тоа да се случи“, нагласи Трамп, кој се изјасни за невин.
Неговото изјаснување пред американскиот судија Џонатан Гудман во федералниот суд во Мајами е основата на правната битка што ќе се одвива во наредните месеци во време на кампањата на Трамп да освои уште еден претседателски мандат на изборите следната година. Експертите велат дека судењето може да потрае една година или повеќе.