Кандидатурата на Украина и Молдавија го вратија проширувањето во врвот на агендата на ЕУ, тоа оди во прилог и на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан, но нема опасност дека ќе бидете претекнати. Употребата на ветото, како можност која ја има секоја земја членка, не е европски чин на однесување, сметаат шпанските аналитичари Чарлс Пауел, Игнасио Молина и Мигел Родригез Андреу. Тие беа дел од првиот Билатерален форум на тинк – тенк организации од Северна Македонија и Шпанија што се одржа мината седмица во Скопје, во организација на Преспа – Институтот, во пресрет на шестмесечното претседавање на Шпанија со ЕУ кое почнува на 1 јули.
Чарлс Пауел кој е извршен директор на Кралскиот институт „Елкано“ со седиште во Мадрид и професор по современа историја на Сан Пабло Универзитетот прашан како ја гледа иднината на Западен Балкан во ЕУ сега кога има војна на континентот, вели дека таа беше повик за будење на Европа.
-Наспроти тоа што некои луѓе тука може да мислат, војната и служи на вашата цел од едноставна причини што ние во Европа не очекувавме никогаш повеќе да видиме војна на континентот, но се разбудивме со фактот дека Русија е многу агресивен ревизионистички актер и дека Западен Балкан е ранлив. Некои од нас тоа веќе го знаеја, но тоа беше повик за будење. Иако, тоа му додава еден нов слој на комплексност и дополнително ја отежнува ситуацијата, на она што веќе беше тежок процес, сега постои чувство на итност кое не беше присутно порано и сметам дека тоа е позитивно за земјите од Западен Балкан. Не можам да гарантирам дека тоа ново чувство на итност ќе се пренесе во конкретни мерки преку ноќ, но мислам дека политичката волја се промени, вели Пауел.
Во однос на тоа што сега на листата за проширување се и Украина, Молдавија и Грузија, директорот на „Елкано“ кој важи за највлијателна тинк – тенк организација во Шпанија, оценува дека тоа оди во интерес и на земјите од Западен Балкан кои веќе се во пристапни преговори со ЕУ.
– Не мислам дека треба да сте загрижени, туку тоа е во ваш прилог. Украина и Молдавија нема да ве прескокнат вас земјите кандидати од Западен Балкан. Ова е нешто што ЕУ требаше да го направи од геополитички причини, да им даде европски хоризонт на овие земји, што вие веќе го имате како земји кандидати. Сите знаеме дека Украина нема да стане членка на ЕУ за брзо време. Земјите од Западен Балкан или барем вие Северна Македонија, Албанија и Црна Гора ќе бидете тоа многу порано од Украина. Проблемот со Украина е како да се менаџира нејзината обнова кога ќе се постигне некаков мир или кажано отворено – САД плаќаат за војната, а ние ќе плаќаме за мирот. Тоа треба да се сфати во контекст на некаква рамка за пристапни преговори преку која можеме да обезбедиме помош најефикасно, бидејќи ја имаме методологијата тоа да го направиме. ЕК има методологија и искуство да го направи тоа. Не можеме само на Украина да и дадеме милијарди евра без каква било контрола, без какви било услови, штом заврши војната. Тоа го оправдува доделувањето кандидатски статус на Украина. Но јас сум целосно убеден дека ова не е на штета на земјите од Западен Балкан, уверува првиот човек на Елкано Институтот.
За тоа кој е неговиот став за бугарското вето кон земјава, Пауел вели дека е екстремно иритирачки, досадно, штетно и многу неевропско.
-Шпанија не се приклучи кон ЕУ во 1986 година за да стане членка која ќе ги отежнува работите, туку затоа што верувавме дека нашето мото треба да биде „заедно подобри“. За жал, како што патувам наоколу, се чини дека некои земји – членки се позаинтересирани за кавги со соседите и создавање нови потешкотии, отколку да се даде позитивен конструктивен придонес кон ЕУ како ентитет. Затоа го осудувам ваковото однесување и реторика, која создава поделби и е навредлива. За колку земји сте слушнале во историјата дека биле принудени да го сменат името? Тоа е многу ретко, речиси уникатно. Тоа не е Европа, Ова е многу лош пример за останатите земји членки како и за оние кои ќе и се придружат во иднина, вели меѓу другото Пауел кој гледа со симпатии на земјава.
За Игнасио Молина, виш аналитичар во Кралскиот институт Елкано фактот што Шпанија го почнува претседателството со ЕУ со предвремени параламентарни избори кои се закажани за 23 јули, не очекува дека ќе се одрази на нашите преговори со Брисел, па и доколку дојде до смена на власта во Мадрид, со евентуалната победа на десноцентристичката Народна партија.
-Шпанското претседателство имаше многу амбициозни планови во однос на проширувањето како дел од својата агенда, и сега има одредена неизвесност поради тоа што политичарите во првите месец и половина ќе бидат окупирани со изборите. Работата на официјалните претствници во различни работни групи во Брисел ќе продолжи, но очигледно дека и покрај личната инволвираност и посветеност на премиерот (Санчез) на процесот на проширувањето, можни се извесни доцнења, вели Молина.
Тој сепак уверува дека и да дојде до промена на власта, нема основа за промена на ставот на Мадрид во однос на проширувањето, бидејќи лидерот на опозицијата исто така е проевропски ориентиран иако, вели, не на тоа ниво како Санчез.
-На 6 октомври во Гранада треба да се одржи самит на Европската политичка заедница, до тогаш ќе имаме нова Влада без оглед дали социјалистичка или десноцентристичка, премиерот на Северна Македонија ќе учествува на самитот во Шпанија. Се уште не знаеме дали ќе има средба посветена на Западен Балкан за време на шпанскиот семестар (шестмесечно претседавање). Така што може да се каже дека е можно доцнење, но тоа нема да предизвика штета во однос на постигнување напредок во проширувањето, вели Молина кој предава на одделот за политички и меѓународни односи на Универзитетот во Мадрид.
При споредба помеѓу земјите од Западен Балкан и новите земји кандидати за членство во ЕУ – Украина и Молдавија, тој смета дека метафора за тој однос е дека не е во прашање трка, туку регата во која различни земји се во различна фаза од преговорите, односно скринингот. Кандидатурата на Украина, Молдавија и Грузија е позитивна за земјите од Западен Балкан бидејќи, вели, проширувањето не беше многу високо на агендата на 27-те членки на ЕУ, но сега поради војната и барањето на Украина за брза лента во проширувањето, тој процес е политизиран и невозможно е лидерите да не се посветат на него.
– Јас го разбирам стравот, претходно бевте клучни кандидати за членство и долго работите на својата домашна задача, а сега се соочувате со кандидатура на Украина, која е голема држава и може да ве претекне. Лично, сметам дека тоа не е можно, иако некои земји членки, како Полска и балтичките држави можеби ќе го сакаат тоа. ЕУ има 27 земји членки и одлуките се носат со консензус, така што невозможно е Украина да ја претекне Северна Македонија, иако не сум сигурен за другите земји од Западниот Балкан, како БиХ , Косово и Србија поради нејзините руски врски… Генерално, добро е што благодарение на украинската кандидатура проширувањето сега е многу повисоко на агендата на ЕУ и вие добивте вистински политички моментум, откако претходните две – три години воопшто не разговаравме за проширувањето, вели Молина.
Од друга страна, ако се споредат големите проблеми со кои се соочува Украина, почнувајќи од тоа дека не си ја контролира територијата, станува очигледно, дека овие три земји носат корист за Северна Македонија, а во исто време нема опасност дека ќе ве претекнат, дециден е Молина.
-Единствена опасност е ако лидерите на ЕУ почнат да размислуваат дека без Украина имаа шест земји кои сепак не беа големи, а со неа имаат кандидат што е тешко да се „проголта“ од Унијата, па заклучокот да биде дека прво мораат да направат реформи внатре, па да ве примат во членство. Генерално сметам дека е подобро да ја имате Украина на оваа страна од преговарачката маса отколку воопшто да ја нема, уверува Молина кој бил надворешен експерт и советник на повеќе европски институции како ЕП, ЕК, потоа на шпанското МНР, а сфера на интерес му се и иднината на ЕУ, процесот на проширување и влијание на Шпанија во политичкте процеси на ЕУ.
Мигел Родригес Андреу кој е добар познавач на Балканот и уредник на магазинот „Балканија“ смета дека е парадокс тоа што руската агресија врз Украина „ја разбуди“ ЕУ за значењето на процесот на проширување на Западен Балкан како безбедносно прашање.
– Знам дека македонските граѓани се разочарани и уморни поради долгото чекање на стартот на преговорите, но во исто време се уште постои силна посветеност на европските вредности, на проширувањето, многу сте вклучени во НАТО. И покрај проблемите со Грција до 2018 година, и сега со Бугарија, се сеуште сте посветени на целта, а Шпанија ве поддржува на европскиот пат, вели Андреу.
Прашан за бугарското вето, тој смета дека билатералните прашања не треба да се дел од преговарачката рамка бидејќи на тој начин „се киднапира“ процесот на проширување, што влијае и на ЕУ и на нејзината безбедност, што, вели, се гледа сега со заканите кои доаѓаат од Русија.
– Тоа што треба повторно да поминете низ уставни промени го сметам за понижувачки, се надевам дека ќе бидете флексибилни, но ги разбирам сите внатрешни потешкотии кои тоа ги носи во македонското општество, вели Андреу кој е предавач по балкански студии на повеќе универзитети и е автор на неколку книги за регионов.