„Животот е убав“ е насловен традиционалниот концерт на Македонската филхармонија во Градскиот парк, кој годинава ќе се одржи на 15 јуни (четврток) во 21 часот. На програмата е музика од познати италијански филмови, чија изведба ќе биде надополнета и со видео проекции.
Концертот претставува спој на италијанската музика и филм, а на програмата се „Омаж на Федерико Фелини“, суита од филмот „Кум“, „Љубовна тема“ од филмот „Ромео и Јулија“ и музика од „Јулија и духовите“ од Нино Рота, музика од филмот „Анонимен венецијанец“ на Стелвио Чипријани, „Кучешки свет” од Р. Ортолани/Н. Оливиеро, тема од филмот „Животот е убав“ од Никола Пиовани, „Карузо“ од Лучио Дала, „Јулија и духовите“ од Армандо Тровајоли, „Звучен пејзаж“ од филмските теми на Енио Мориконе и суита од музиката за филмот „Мисија“.
Диригент е маестро Мириан Хухунаишвили од Грузија, а како солисти ќе настапат сопранистката Саломе Џикија (Грузија), Марио Стефано Пјетродарки на бандонеон од Италија и хорот „ПроАрс“.
Концертот се реализира со поддршка на Италијанскиот институт за култура во Белград и Италијанската амбасада во Скопје и со него, воедно ќе се одбележат 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу РС Македонија и Италија.