Советот на Општина Делчево на денешната Вонредна седница прогласи природна непогода од поплави и град. На Вонредната седница беше донесена Одлука за формирање Комисија за проценка на штетите, како и Заклучок за објавување јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети соопшти градоначалникот Горан Трајковски.
– При процена и утврдување на висината на штетата, Комисијата ќе ја применува Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи. Проценетите штети, Комисијата ги евидентира на пропишани обрасци и табели согласно Методологија. Комисијата во својата работа ќе соработува со надлежните државни органи, научно-стручни институции и по потреба ќе ангажираат и стручни лица – експерти од соодветната област по претходно добиена согласност од Градоначалникот на Делчево, се вели во објавата на Трајковски.
Одржувањето на Вонредната седница на Советот на Општина Делчево е иницирано од невремето проследено со силни врнежи од дожд и град и поплави на објекти и на инфраструктура коешто го зафати градот Делчево вчера во попладневните часови во периодот од 17.ч до 18,30ч.
На Седницата претставници од сите надлежни институции информирале за преземените мерки и активности во насока на заштита на имотот на граѓаните, но и мерки кои се преземаат за санирање на штетите на индивидуалните и административните објекти од поплавите и од штетите на патната инфраструктура.