Хероите од НОБ се враќаат на листата на прослави

Од:

Собраниската Комисија за култура денеска на седница со девет месеци доцнење едногласно ја прифати Предлог-програмата за одбележување јубилеи на значајни настани и истакнати личности во 2013 година. За усвојувањето на Предлог-програмата ќе се гласа на пленарна седница во Парламентот.

Голем дел од јубилеите се веќе одбележани од општини и установи, а некои ќе се чествуваат ретроактивно до крајот на годинава.

Претседателот на Комисијата за култура Гордан Георгиев рече дека настаните од 24 декември 2012 оневозможиле поефикасно да се заврши програмата за 2013. Работната група за составување на Предлог-програмата, во која покрај него се и пратениците Ане Лашкоска, Диме Маџовски, Бехиџудин Шехаби и Беким Ќоку, од јули до септември ги разгледала предлозите доставени од надлежни институции и решавала дали тие ги исполнуваат критериумите важност и временски интервал.

Предлог-програмата содржи јубилеи од 22 настана и 41 личност, а два од нив беа предложени на самата седница – на предлог на пратеникот Митре Велјановски од СДСМ програмата се дополни со одбележување 70 години од формирањето на Првата македонско-косовско ударна бригада, а беше прифатен и предлогот на Фламуре Демири-Креци од Национална демократска преродба да се одбележат 80 години од раѓањето на албанскиот ликовен уметник Адем Кастрати.

За пратениците на ДУИ и НДП Предлог-програмата е прифатлива. Во неа се опфатени јубилеи за шест личности од албанската култура и историја – 80 години од смртта на Хасан Приштина, со образложение дека е заслужен за решавањето на албанското национално прашање, 80 години од смртта на предагогот и афирматотр на албанската култура Хил Моси, 110 од раѓањето на истражувачот, новинар и политичар Ернест Колиќи, 100 од смртта на албанскиот преродбеник Али Улќинаку, 90 години од раѓање на албанскиот писател и драматург Јаков Ѕоѕа и 80 години од раѓањето на мајсторот на земјените бои Адем Кастрати, како и 20 години од формирањето на КУД „Каршиака“.

Ердоган Сарач од Движењето за национално единство на Турците во Македонија забележа што во програмата единствен предлог од културата и историјата на Турците е еден век од смртта на Ахмед Нијази-бег, еден од предводниците на Младотурската револуција.

Претседателот на Комисијата Георгиев му одговори дека има невообичаен молк од над 20 институции од турската заедница во Македонија до кои праќаат барања за предлози.

Тој истакна дека како и во минатите години генерално имале проблем со пасивноста на институциите кои навреме не доставуваат предлози за одбележување јубилеи. – Одѕивот од институциите е многу мал. Самата комисија нема ни капацитет, ни стручност да ги знае сите годишнини, рече Георгиев.

Соопшти дека до 15 октомври институциите треба да достават предлози за одбележување јубилеи од настани и личности во 2014 година, за работната група да ги разгледа и до крајот на годинава да ја утврди и донесе програмата за наредната година.

Меѓу настаните што се чествуваат во 2013, од кои голем дел веќе одбележани, се: 50 години од скопскиот земјотрес, 60 години од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, 70 години од депортацијата на македонските Евреи, Второто заседание на АВНОЈ, стрелањето на младинците во Ваташа од бугарскиот окупатор, од формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ и од Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ и формирање на Иницијативниот одбор на АСНОМ, 100 години од Втората Балканска војна и од Букурешкиот договор со кој е поделена Македонија и од Охридско-дебарското востание – реакција против неправдата во Букурешт. Опфатени се и 110 години од Солунските атентати, Смилевскиот конгрес, Илинденското востание и од објавувањето на Мисирковата „За македонцките работи“, како и 1150 години од Моравската мисија на просветителите Кирил и Методиј.

Во јубилеите што одбележуваат значајни личности од македонската култура и историја се 200 години од раѓањето на градителот Андреја Дамјанов, 110 од смртта на Гоце Делчев и на Јордан Пиперката и 70 години од смртта на повеќе народни херои (Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Раде Јовчевски-Корчагин, Јосиф Јосифовски-Свештарот, Илија Антевски-Смок, Владо Тасевски, Лазо Трповски…), 100 години од раѓањето и 40 години од смртта на Никола Мартиновски, 90 години од раѓањето на Ацо Шопов, академик Благој Попов и на Васка Илиева, 70 од смртта на Кочо Рацин, како и годишнини од смртта на Димитар Влахов (60), Ѓорѓи Абаџиев (50), Иван Точко (40), актерот Дарко Дамески и првиот ректор на УКИМ Кирил Миљоски (30 години), 20 години од смртта на Борко Лазески и на Блаже Конески, 10 години од смртта на писателите Анте Поповски и Димитар Солев и од беатификацијата на Мајка Тереза.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање