16-годишна девојка во неделата беше брутално избодена и претепана до смрт на прометна улица во главниот град на Индија, Њу Делхи, што предизвика нов бес поради безбедноста на жените во земјата и насилството извршено од мажи.
На снимката од инцидентот, кој траеше повеќе од една минута и беше снимен со безбедносна камера, се гледаат повеќе луѓе како одат во близина додека напаѓачот постојано ја удира жртвата. Прикажан е само еден маж кој се обидува да го тргне напаѓачот од жртвата пред брзо да се повлече.
Телото на жртвата е пронајдено во неделата вечерта во областа Шахбад Даири во северниот дел на населбата Рохини, каде што се случил инцидентот, пишува Си-Ен-Ен. Вчера попладне индиската полиција соопшти дека уапсила маж осомничен за убиство.
Убиецот, наводно бил во врска со девојката. Станува збор за механичар кој бил приведен во Буландшахр, во соседната држава Утар Прадеш, изјави за новинарите Рави Кумар Синг, заменик началник на полицијата.
“Ја видов ќерка ми како лежи на земја со лицето на земја. Нејзините органи излегоа, а главата и беше смачкана. Лежеше безживотно. Немаше смисла да ја однесам во болница”, рекол таткото на девојчето во интервјуто за CNN.
“Лут сум што никој не и помогна на ќерка ми. Да и помогнеа, денес ќе беше жива. Слушнав и дека случајните минувачи се зафатени со снимањето на инцидентот. Дури и да врескаа, тоа ќе и помогнеше на ќерка ми”, заклучил таткото. .