Јужноамериканско деби со овации за Благој Нацоски

Од:

Амбасадорот на Културата на Република Македонија, Благој Нацоски продолжува да ги освојува светските оперски сцени. На синоќешното деби (9 септември) во театарот „Солис“ во Монтевидео, Уругвај нашиот тенор имаше успешен прв настап во Јужна Америка проследен со аплаузи и овации. Нацоски ја толкуваше улогата Фентон во операта „Фалстаф“ од Џузепе Верди, која досега ја има изведено осум пати во Сиетл, САД во 2010 година.

Останатите улоги ги толкуваа Уругвајците Фернандо Барабино (Фалстаф), Ракел Пиероти (Мис Квикли), Федерико Сангвинети (Форд), потоа Лаура Делогу (Нанета) од Аргентина, која впрочем му е партнерка на Нацоски на сцената, Мурило Невес (Пистола) од Бразил и др. Диригент е Мартин Лебел од Франција, а режијата е на Алехандро Чакон од Аргентина.

Престижниот и најтиражен весник „Ел Паис“ во најавата за операта во две изданија го истакнува нашиот тенор како македонец со богата интернационална кариера кој настапувал на престижниот фестивал во Салцбург и кој снимил ДВД за три светски продукциски куќи: Дојче Грамофон, ТДК и МР Класик.

Репризни изданија од Вердиевиот „Фалстаф“ во Монтевидео ќе има на 11 и 12 септември.

Инаку во текот на летото нашиот најпознат тенор имаше деби настапи уште во два таетри. Првиот во престижната оперска куќа во Фиренца, „Маџо Музикале Фиорентино“ со шест претстави во насловната улога во операта „Орфеј во пеколот“ од Жак Офенбах. Потоа дебитираше и на Мачерата Опера Фестивал во арената Сферистерио како Лајсандер во „Сонот на летната ноќ“ од Бенџамин Бритн.

Годината полна со деби настапи Нацоски ќе ја заокружи во театарот Аурора на Малта повторно со „Фалстаф“ наредниот месец, а потоа се враќа во Националната Опера во Острава, Чешка со операта „Геновева“ од Роберт Шуман каде успешно се претстави во „Италијанката во Алжир“ во 2010.

Оваа година, кога во која одбележувам десет години од моето оперско деби, би ја нарекол година на дебија, како во некои улоги (Неморино, Орфеј), така и во нови земји (Литванија, Хрватска, Уругвај, Малта) и театри (Фиренца, Арена Сферистерио Мачерата). Истовремено многу жалам што морав да одбијам неколку театри и тоа Берлин, Цирих, Виши во Франција, Дрезден и Анкара поради пребукираност. Тука во Монтевидео се враќам на Верди по неколку години пауза, и со тоа придонесувам во чествувањето на 200-годишнината од неговото раѓање. Фентон е во моментов единствената вердиева улога адекватна на мојот глас, рече Нацоски.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање