Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) денеска ќе ја презентира програмата за меѓународната музичко-научна манифестација „Струшка музичка есен“, што ќе се одржи од 13 до 15 септември годинава.
СОКОМ веќе 30 години ја организира оваа манифестација која е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.
Програмата на „Струшката музичка есен“ е посветена на промоција и развој на македонската музика и научна работа, и има два дела. Концертниот дел е наменет за презентација на македонската духовна и световна музика, а научниот дел е посветен на теми од Византологијата, Медијавистиката, современата Музикологија, музичката Педагогија, Етномузикологијата и Етнокореологијата.
Целта на манифестацијата е создавање нови можности за изразување, истражување и промоција на традиционалните и современи музиколошки, етномузиколошки и етнокореолошки истражувања, како и на развивање научни мрежи како врска за промоција на културна размена.