Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина денеска по повеќечасовна дискусија изгласа формирање нова Влада на ФБиХ, која ќе ја предводи премиерот Нермин Никшиќ.
Претставниците на партиите собрани околу Тројката и ХДЗ гласаа за формирање нова влада со 51 глас „за“ во Претставничкиот дом на ФБиХ.
Еден претставник беше воздржан, а двајца беа против, објави сараевскиот портал Klix.ba.
По потврдувањето на владата следуваа протести пред зградата на Собранието, каде се собраа граѓани кои изразија незадоволство од наметнатата одлука на високиот претставник Кристијан Шмит за формирање федерална влада со само еден потпис на потпретседателот на ФБиХ.