Тајванската компанија „Јагео” и официјално влегува во Северна Македонија. Договорот за инвестицијата вредна 205 милиони евра, која треба да отвори околу 4 000 нови вработувања, денеска во Таипеи го потпишаа директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) Јован Деспотовски и менаџментот на конзорциумот „Јагео”.
На церемонијата преку видео-конференциска врска се вклучи и премиерот Димитар Ковачевски.
„Јагео” ќе произведува резервни делови и компоненти за автомобилската индустрија и за т.н. зелена енергија. Производствените погони ќе бидат лоцирани во ТИРЗ Скопје 1 и во ТИРЗ Штип. Како што беше речено пред потпишувањето на Договорот, изградбата на првиот капацитет ќе почне во јули годинава, во ТИРЗ Скопје 1. Предвидено е и, генерално, да се ангажираат наши, локални добавувачи.
Преговорите за инвестицијата траеле речиси една година, а земјава е избрана како најдобра во „трката” со останатите од регионот и пошироко.
-Со Северна Македонија имаме одлично искуство. Сепак, две работи беа клучни зошто ја одбравме за нашата инвестиција: увидовме дека е стабилна, со квалификувана работна сила, а и Владата беше максимално посветена и имаше исклучително позитивен однос кон нас. Тоа можеби беше и пресудно. Ни излегуваше секогаш во пресрет и тука беше за секој наш проблем, потенцира извршниот директор на „Јагео”, Дејвид Ванг.
Андреа Мејер, главен во оперативниот сегмент, напомена дека оваа досега најголемата гринфилд инвестиција во Северна Македонија, нема да значи вложување само во пари, бизнис и профит, туку и вложување во човечки капитал.
-Наши приоритети се воведување нова технологија и јакнење на кадарот, овозможување вработените да стекнат нови вештини и да се усовршат, подвлече Мејер.
Според директорот Деспотовски, денешното потпишување на Договорот е потврда дека со знаење, желба и истрајност, можеме да оствариме големи резултати.
-Процесот не беше воопшто лесен. Во конкуренција беа многу земји, меѓу кои Хрватска и Србија. Но, ние успеавме во таа трка и ние сме денеска тука, на оваа маса, да потпишеме договор. Со оваа инвестиција стануваме дел од мапата земји кои обезбедуваат витални компоненти за производители како „Тесла” и „Епл”, подвлече Деспотовски.
Според него, компаниите во зоните вработуваат близу 17 000 лица, а влезот на „Јагео” ќе значи 30 отсто плус работна сила од оваа бројка.
Церемонијата на потпишувањето се одржа во седиштето на „Јагео”. Честитки за инвестицијата упати и премиерот Ковачевски.
-Станува збор за најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на нашата земја, вредна 205 милиони евра и нови над 3 900 работни места. „Јагео” е водечка мултинационална компанија за производство на електронски компоненти, која има силно глобално присуство и свои производствени и продажни капацитети во Азија, Европа и Америка со 40 000 вработени ширум светот. Електронските компоненти кои ги произведува и кои се еден од светските најдобри производители за чип-отпорници и тантал кондензатори, се користат за авионската и автомобилска индустрија, 5G и телекомуникациите, медицината, управувањето со енергија, зелена енергија, рече Ковачевски.
Со новиот концепт на поттикнување инвестиции успеавме, додаде, да ја ставиме нашата земја високо на мапата инвестициски дестинации кои имаат капацитет и услови да реализираат висококвалитетни вложувања.
-Бројките најдобро зборуваат за тоа колку е ефикасен новиот концепт на инвестиции и поддршка на ивнестициите во ТИРЗ. Последниве две години се постигнати договори од над 650 милиони евра, што е над половина од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години. Со оваа инвестиција надминуваме износ над 850 милиони евра. Имаме над 16 500 вработени во Зоните што е за над 10.000 работници, само од 2017 година досега. Во првиот квартал имаме речиси една милијарда евра извоз што е највисоко ниво во последниве пет години. Само лани компаниите во зоните достигнаа највисоко ниво на извоз од 3.7 милијарди евра на годишно ниво, укажа премиерот.
Делегацијата што ја предводи Деспотовски утре ќе има можност да ја посети фабриката на „Јагео“ во Каошунг.