Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се огласи преку соопштение на неговата социјална мрежа Truth Social. Во објавата тој повторно ја нападна судијката и побара денешното рочиште да се пресели на друга локација. Поточно, тој бара рочиштето да се пресели од Менхетен на Стејтен Ајленд.
Целата објава на Трамп е напишана со големи букви. Во неа, Трамп го опишува судијата Хуан Мерчан како човек кој е „познат мразител на Трамп, како и на неговото семејство“.
Тој вели дека судот на Менхетен е на територијата на демократите, што тој го смета за нефер.
„Многу нефер место (Менхетен), некои делови од изборите им дадоа само 1% на републиканците. Овој случај треба да се префрли на блискиот Стејтен Ајленд – тоа би било многу фер и безбедна локација за судењето“, напиша меѓу другото Трамп.
Доналд Трамп, освен што објави на својата социјална мрежа, испрати и електронска пошта до поддржувачите на неговата кампања „Трамп 2024“ во која тврди дека „денес жалиме за загубата на правдата во Америка“.
Во мејлот тој напиша дека „денес е денот кога владејачката политичка партија го апси својот главен противник бидејќи не сторил никакво кривично дело“.
„Бидејќи ќе бидам недостапен во следните неколку часа, сакам да го искористам овој момент за да ви се заблагодарам за поддршката“, напиша Трамп, додавајќи дека американската „нација станува марксистичка земја од третиот свет што ја затвора политичката опозиција“.
На крајот напиша дека „нема сомнеж дека ќе победиме уште еднаш и ќе ја освоиме Белата куќа во 2024 година“.