Официјалните лица денеска ги повикаа туристите да се држат настрана од шумските пожари кои беснеат во источна Шпанија, предупредувајќи дека случајните минувачи се изложуваат на ризик и ги попречуваат напорите за гаснење на пожарите.
Повеќе од 500 пожарникари, поддржани од 20 авиони и хеликоптери, се борат со пожарот четири дена по избувнувањето во близина на селото Вилануева де Вивер во регионот на Валенсија, соопштија службите за итни случаи.
Во близина на огнот полицијата забележала 14 велосипедисти кои се обидувале да се доближат до огнот, изјави за новинарите регионалниот шеф на внатрешноста на Валенсија, Габриела Браво.
Првиот голем пожар во Шпанија оваа година уништи повеќе од 4.000 хектари шума и доведе до евакуација на 1.700 жители од регионите Валенсија и Арагон, соопштија официјални лица. Во Европа минатата година во пожари беа уништени околу 785.000 хектари, што е двојно повеќе од годишниот просек во последните 16 години, покажуваат податоците на Европската комисија.
Според официјалните податоци, минатата година во Шпанија 493 пожари уништиле рекордни 307.000 хектари земја.