Поранешната холивудска ѕвезда Стивен Сигал се декларира како „милион отсто Русин“, а славниот актер дури има и руско државјанство.
Тој се појави на состанокот на Меѓународното движење на русофилите во Москва, каде што се декларира како „милион проценти Русин“. Актерот доби руско државјанство уште во 2016 година, а моментално е специјален пратеник на руското Министерство за надворешни работи меѓу Москва и Вашингтон.
Зборувајќи на прес-конференција, Сигал рече дека „приближно половина од Американците сè уште ја сакаат Русија и покрај меѓународните превирања“. Актерот проговори и за своето потекло, наведувајќи дека неговиот дедо емигрирал во Америка од Русија и открил што значи да се биде Русин.
„Да се биде Русин значи да се застане и да се бориш за вистината. Можам да кажам дека сум сто проценти русофил и еден милион проценти Русин“, рече Сигал. Актерот го коментираше и Орденот за пријателство, кој му беше доделен од рускиот претседател Владимир Путин на 27 февруари.
„Бев исклучително почестен. Мислам дека беше исклучително љубезен претседател Путин што го направи тоа. Бев исклучително почестен, се надевам дека ќе го оправдам тоа“, рече тој. Сигал се осврна и на војната меѓу Русија и Украина, зборувајќи за неговото патување во Донбас минатата година.
„Кога сфатив дека 99 отсто од вестите објавени во светот се објавени од луѓе кои никогаш не биле во Донбас, никогаш во Луганск, никогаш во Украина, помислив дека би било важно да одам таму. Интервјуирајте Украинци, интервјуирајте Руси и нека луѓето ја кажат својата вистина“, изјави тој за РТ.
Специјалистот за аикидо Стивен Сигал (70) беше ѕвезда на американските акциони филмови во 1980-тите и 1990-тите. Откако актерот доби руско државјанство, тој живее во Русија, каде што се приклучи на националистичка партија во 2021 година. За 70-тиот роденден на Владимир Путин во октомври, Сигал сними видео за поддршка на рускиот претседател, кого го нарече „еден од најголемите светски лидери“.