Овој четврток, со почеток во 20 часот ќе се одржи концертот насловен „Седеф“ на кој ќе биде изведена авторска музика од британскиот композитор и пијанист Роџер Ино. На концертот премиерно ќе биде прозвучи нова музика во аранжмани и оркестрација на Џијан Емин, кој ќе застане и зад пултот како диригент. Концертот има мултимедијален карактер и освен музика, ќе биде надополнет и со моќни визуелизации, поезија, филм…
-Со гордост го најавуваме гостувањето на Роџер Ино, еден од највлијателните автори на светската музичка сцена. Во последно време Филхармонија на публиката и презентира малку поинаква музика од класичната, сакаме одвреме навреме да истражуваме и во други звучни сфери и да се обратиме на поширок круг публика. Таков ќе биде и овој концерт на Роџер Ино, кој заедно со неговиот брат Брајан Ино се „татковци“ на т.н. амбиентална музика – вели Тина Иванова, директорка на Филхармонија.
Роџер Ино е британски пијанист и композитор чиј стил тешко може да се категоризира. Критичарите велат дека неговиот естетски код не може лесно да се стави во рамка и дека музиката му е лизгава како риба, кога станува збор за каква било детерминација. Ино креира вивидни и емотивни музички пејзажи. Вели дека го користи креативниот процес на декомпозиција во својата работа, дека го расчленува јадрото на музиката до нејзиниот последен атом, за да дојде до нејзината суштина. Соработувал со низа познати музичари како Лу Рид, со британскиот електробенд „The Orb“, со својот брат Брајан Ино… Автор е и на музиката за серијата наградена со „Еми“ – „State of the Union“, работена по сценарио на Ник Хорнби, во режија на Стивен Фрирс.
-Кога доаѓав во Македонија, стјуардесата во авионот ме праша што барам во Македонија, дали одам да убивам елени, и кажав дека одам во Скопје на концерт со Македонската филхармонија. Првпат работам со Џијан Емин, и задоволен сум од нашата соработка. Со своите аранжмани и оркестрација тој успеа мојата музика, која е пасторална и англиска да ја однесе на сосема друго место – вели Роџер Ино.
Овој англиски композитор од секогаш бил инспирација за Џијан Емин, кој воедно, ќе застане и зад пултот на концертот в четврток.
-Музиката на Роџер Ино ја слушам уште од младоста, имам прекрасни спомени врзани за неа. Затоа сум исклучително среќен што имам можност да работам заедно со Ино. Генерално, неговата музика е прилично пасторална, како што кажа и самиот тој, а јас сум малку нервозен како човек и автор и сакам да си „играм“ со звуците. Секогаш кога работам се трудам тоа што ќе го сработам да биде уникатно и ново и да ја однесам музиката во некои сосема нови сфери. Се уште се бориме заедно со Ино во кој правец да ја однесеме неговата музика – вели Емин.
Пред концертот, во 19 часот во фоајето на Филхармонија ќе се отвори изложбата „Посветло отколку без светлина“ на Стефан Шашков на која ќе бидат изложени дела инспирирани од амбиенталната музика на музичари како Брајан и Роџер Ино, Роберт Фрип, Харолд Бад, Даниел Лануа, и Мајкл Брук.
Секој серијал од овие слики е инспириран од некое од изданијата на овие музичари и ја отсликуваат аморфната природа на нивната музика. Делата претставуваат игра со тоналитети, бои и пристапи.