ВИДЕО: Инвестиција тешка 1,4 милиони евра – колку ќе вложи сопругата на премиерот Елена Ковачевска во бизнисот со струја?

Од:

Заедничката инвестиција на сопругата на премиерот, Елена Ковачевска со четворицата други косопственици во компанијата „Сол Груп 5 ДОО Скопје“ за изградба на фотоволтаична централа во Радовиш ќе ги чини околу 1,4 милиони евра. До оваа сума „А1он“ стигна врз основа на груба пресметка од домашни компании кои се занимаваат со инсталирање на вакви енергетски капацитети. Цените на пазарот кои се вртат во Македонија се движат од 700 – 800 евра за монтиран киловат час. Централата на „Сол Груп 5“ е со предвидена моќност од 1.8 мегавати. Maтематички се доаѓа до сумата од околу 1,4 милиони евра.

Инвестицијата на „Сол Груп 5“ влегува во категоријата капацитети од 1 до 10 мегавати, во која има поинаква процедура за инсталирање во споредба со централите над 10 мегавати. Изработката на урбанистички проект, вклучува ревизија и купување на земјиштето. Потоа, потребно е добивање согласност од ЕВН за приклучување кон мрежа, при што компанијата плаќа одредени трошоци. Следува барање и одобрение од општината за изградба на земја, при што компанијата треба да плати комуналии и други трошоци.

Во случајот со „Сол Груп 5“, од општината Радовиш не добивме одговор дали барањето од „Сол Груп 5“ е веќе поднесено. Откако општината ќе даде решение за изградба, лиценцирана компанија гради на терен. Паралелно со оваа постапка, компанијата треба да побара во Регулаторната комисија за енергетика и лиценца за производство на струја, при што се плаќаат одредени трошоци. Цената за изградба на соларна фотоволтаична централа на земја е малку поскапа од онаа на кров поради металната конструкција која чини многу и нејзиното поставување, а претходно и самото уредување на земјиштето.

Можните трошоци кои „Сол Груп 5“ би ги имала кон компанијата што би градела на терен, се во делот на процесот на поставувањето на каблите во земја, оградувањето на просторот, камери, oсветлување…Откако ќе се добие дозволата за градење, „Сол Груп 5“ може да се изгради и во период од три месеци, велат експертите.

Дури и во „најцрното сценарио“ за компаниите, кога цената на пазарот би била 100 евра за мегават час, годишниот приход би бил 300 000 евра. Според нивните проценки, за шест години со сите вкалкулирани трошоци, инвестицијата ќе се врати. А после шестата година, ќе носи профит.

Откако „А1он“ објави дека сопругата на премиерот, Елена Ковачевска влегува во бизнисот со електрична енергија, се огласи и првиот човек на Владата.

„Дали е тоа нејзин бизнис или ваш семеен бизнис ?“

„Тоа е нејзина инвестиција која ја има направено со свои сопствени средства“, одговори премиерот.

„Значи без ваша помош?“

„Па без моја помош, зошто би имала помош од мене во таа работа. Тоа е инвестиција која може секој граѓанин на државата да ја направи и голем дел на граѓани инвестираат средства во приватни компании“, изјави премиерот Ковачевски ден после објавувањето на сторијата на „А1он“.

„Се обидовте да направите алузија дека се работи за наша инвестиција. Не, се работи за инвестиција на мојата сопруга што е дозволено според закон“, изјави Ковачевски од собраниската говорница на 29 декември 2022 година.

Јавното дистанцирање на премиерот од сопругата за нејзината инвестиција го отвора прашањето и за финансиската моќ за Ковачевска за влезот во енергетскиот бизнис.

„А1он“ се обрати до Владата со прашања наменети лично за премиерот Ковачевски – од каде неговата сопруга ќе ги обезбеди парите за вложување? Дали тоа значи дека сепак премиерот Ковачевски ќе помага во инвестицијата на сопругата или сепак таа ќе подигне кредит од банка? Одговори од Ковачевски не добивме ниту во писмена форма, а премиерот не сакаше да застане ниту пред камерата на „А1он“, медиум кој првично и ја објави сторијата.

Уделот на Ковачевска во компанијата за струја кој е пријавен во анкетниот лист на премиерот изнесува 62 000 денари. Освен сопственоста во „Сол Груп 5“, на име на Ковачевска се впишани побарувања за даден заем од 3 000 евра, две трансакциски сметки, за која за едната нема податоци, а на другата се пријавени 193 денари, како и орочени денарски депозити во вредност од 67 511 евра. Дури и хипотетички, инвестицијата од 1,4 милиони евра да се подели помеѓу сопругата на Ковачевски и останатите сопственици, математички излегува дека влогот би требало да изнесува меѓу 250 000 и 300 000 евра.

„А1он“ претходно објави дека компанијата „Сол Груп 5 ДОО Скопје“ има пет сопственици. Покрај Елена Ковачевска, удел во нејзе има и Димитар Тренчев, лице кои претходно и ги продало парцелите на кои компанијата ќе гради. Како сопственик се појавува и Кирил Паунов, син на кумот на Ковачевски, кој е и управител на компанијата. Сопственичка е и Светлана Тунџева, сопруга на директорот на Агенцијата за катастар за недвижности, Борис Тунџев. Адресата која е наведена како седиште на „Сол Груп 5 ДОО Скопје“, на терен е и седиште на компанијата на Тунџева, „Геопроект инженеринг ДОО СКОПЈЕ“ и ФЕЦ „Соларис“. Последен на листата е Здравко Тумбовски, татко на контроверзниот бизнисмен Загорац Тумбовски, кој беше поврзан со аферата „каса-прими“ и давањето половина милион евра на рака на тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

Би можело да ве интересира

Ковачевски за компанијата на сопругата: Секој граѓанин може да инвестира во приватна фирма

Петар Клинчарски

ВИДЕО: Сопругата на премиерот, Елена Ковачевска, влегува во бизнисот со струја

Петар Клинчарски