Од утре до 15 септември во Франција македонската култура ќе биде претставена во Марсеј, градот кој заедно со Кошице оваа година го носи епитетот – европска престолнина на културата за 2013 година, и во Ница, каде што ќе се одржат 7-те Франкофонски игри, соопшти Министерството за култура.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска утревечер во музејот „Куќа на занаетчиството и уметничките занаети“ во Марсеј свечено ќе ја отвори изложбата на традиционални носии и накит од Македонија на НУ Музеј на Македонија.
Изложбата, која веќе беше успешно претставена и во Брисел, како што се наведува, ќе биде извонредна можност за граѓаните и посетителите да се запознаат со македонското богатство на рачно изработени македонски носии со богат колорит и везени декорации кои ги отсликуваат македонската традиција и македонските обичаи. Отворањето на изложбата ќе биде збогатено и со настапот на Зоран Маџиров, кој ќе се претстави со своето музицирање на стаклени шишиња.
Република Македонија и нејзините уметници ќе бидат дел и од 7-те Франкофонски игри што ќе се одржат од 7 до 15 септември во Ница. На оваа најмасовна спортска и културна манифестација во светот по Олимписките игри, нашата земја ќе биде присутна по четврти пат. На Франкофонските игри, меѓу претставници на 70 земји од светот, ќе не претставуваат уметниците: Ѓорѓе Јовановиќ (фотографија), Горан Менков (сликарство), Ана Ивановска (скулптура-инсталација), Индиго-квартет и Искра Шукарова (танци), студиото „Брејк а лег“ (хип-хоп) и групата „Д-Џон“ (музика).
Активностите што ќе се реализираат во Марсеј и во Ница, стои во соопштението од Министерството, се уште една потврда за одличната соработка меѓу Република Македонија и Република Франција во областа на културата.