Во најновиот број на повеќејазичното меѓународно списание за афирмација на сефардската култура „Лос Муестрос“, е објавен последниот дел од новелата „Смртта на Ерусалим“, една од деветте прози што ја сочинуваат прозната збирка „Светилка за Ханука“ од македонскиот автор Томислав Османли.
Со тоа, угледното бриселско списание во вкупно дванаесет броеви, почнувајќи од 2008 година, на англиски ја објави целата книга од Османли, напишана на јудео-балкански теми.
Понудата за комплетно објавување на книгата „Светилка за Ханука“, редакцијата на списанието на Османли му ја даде во април минатата година, при што ја проследи со исклучителната оценка на уредникот и угледен автор Моис Рахмани.
– Книгата на Томислав Османли „Светилка за Ханука“ претставува нова свеќа додадена во тој исклучителен свеќник. Ова дело трага по еврејскиот живот, со неговите мигови на радост и со миговите на тага. Авторот не поканува на откривање на историјата на таа заедница, со надежта како нејзина позадина, пишува Рахмани.
Договорот со редакцијата на списанието кое се занимава со негување на културата, историјата и литературата врзана за еврејските Сефарди ширум светот, покрај дотогашното објавување на шест раскази од нашиот писател, опфати објавување во продолженија на трите последни, но и најобемни текстови од книгата на Османли.
Со тоа ова интернационално списание „Лос муестрос“, со редакција лоцирана во белгиската и европската престолнина, ги дообјави англиските преводи на текстовите од книгата раскази и новели на еврејски теми „Светилка за Ханука“.