Романија е на чекор од епидемија на грип, во мигови кога релативно високите температури во земјата овозможуват висока вирусна активност, објавуваат романските медиуми.
Последните три седмици во земјата е забележано алармантно зголемување на респираторните инфекции. За седум дена во Романија се потврдени 2.700 случаи на грип. Болничките соби за итни случаи се сè пополни со пациенти, а десет отсто од луѓето што бараат медицинска помош завршуваат во болнички кревет.
„Во нашата болница детското одделение е преполно, има зголемување на респираторните инфекции, вирусот на грип и бројот на возрасни со тежок грип, како и бројот на заболени од Ковид“, вели Симин Флореску, директор на Клиниката за инфективни и тропски болести „Виктор Бабеш“. Тој известува дека Одделението за ковид-пациенти е преполно, а бројот на заболени од грип дополнително ја усложнува ситуацијата.
Во последната недела има над 140 илјади респираторни инфекции, најмногу во последните седум сезони.
„При нагли промени на температурата, организмот многу потешко се прилагодува, а тоа очигледно е фактор за грип и повеќе компликации при заболувањето“, објаснува Адријан Маринеску, директор на Институтот за заразни болести „Матеј Балш“ во Букурешт.
Со пациенти со респираторни инфекции се полни и ординациите на матичните лекари. Лекарите ги советуваат луѓето да се вакцинираат против грип, но вакцините во моментов тешко се наоѓаат.
Во Романија досега се имунизирани 1,4 милиони луѓе од ризичните категории.
Извор: МИА