Во 2022 година во САД се случија повеќе прилично неочекувани, гневно коментирани и трансформативни настани, настрана „вечнните“ теми за високата инфлација, контрола на оружјето и вооруженото насилство, војната во Украина и помошта за неа, воена и хуманитарна.
Шамар
Годината започна со шамарот што актерот Вил Смит му го залепи на презентeрот Крис Рок, на овогодишното доделување награди „Оскар“ на филмската академија. Овој навистина шокантнен настан американските филмаџии ги фати да расправаат до какво ниво е падната културата на однесување меѓу колегите. Се отвори дебата дали Смит бил во право кога со овој насилен чин сакал само да ја одбрани честа на неговата сопруга. Дали тој се покажува како некој мачо излезен од првите децении на минатиот век, да брани чест на Афроамериканка на начин на кој никој така не би направил. Американците уште една се збунија за расните разлики, многумина повикаа Смит да биде уапсен за насилништво. Иако Рок не покрена тужба, и целата епизода се сведе на шега за која никој на почетокот не веруваше дека е, кога пред целиот свет шамарот беше удрен.
Комисијата за 6 јануари
Сеуште не се знае и историјата ќе покаже, каква улога играше Избраната комисија при Претставичкиот дом за истрага на вооружениот упад во Конгресот на 6 јануари 2021 година. Според набљудувачите, маратонските сослушувања можеби и не требаше да се случат, или ако веќе мораше, целиот тој политички театар требаше да заврши многу поскоро. Покрај јаловите обида да се укаже на покренување (необврзно) истрага против експретседателот Доналд Трамп, комисијата по сѐ изгледа постоеше само за билдање рејтинзи (кај демократските лидери) и извор на рекламни пари за новостните ТВ мрежи.
Истрагата на „избраниот“ комитет заврши недела пред Божиќ, и сеуште не се знае каква воопшто ѝ беше задачата, освен како политички и надпартиски запис за идните поколенија.
Твитер
Во април годинава, директорот на Тесла и најбогатиот човек на светот, Илон Маск, објави дека го купува Твитер, една од најважните социјални мрежи на политичкиот и медиумски естабилишмент во САД, па и во светот. По многу натегање и повици дека се откажува, тој сепак ја заврши зделката во октомври. Преземањето беше проследено со контраверзи, каква што е и кариерата на Маск. Тој отпушти од работа речиси половина од вработените, и објави дека ќе ја засили борбата против дезинформациите. И најважното, дека ќе воведе претплата за корисниците кои сакаат да бидат верификувани (како потврда дека се оние кои што се преставуваат). На Твитер има многу корисници кои се пародии на познати личности, тие можеби не се забранети, но неможат да бидат верификувани, според новата политика на Маск.
Сите овие промени придонесија за дебата во САД, а околу иднината на компанијата. Некои сметат дека ова ќе доведе до конечен крах на социјалниот медиум. Маск, после од него објавена анкета дали треба да остане да ја раководи компанијата, корисниците избраа дека подобро е тој да биде заменет со професионалец. Сето ова ја врати во јавноста долготрајната, но досега ставена во втор план, дебата за улогата на социјалните медиуми во американската политика и современиот живот.
Правото на абортус
Одлуката на Врховниот суд на САД да дозволи секоја држава одделно да одлучува за абортусот, ги разбуди духовите во САД. Формалната улога на Врховниот суд на САД е да го интерпретира Уставот, но историски неговите одлуки секогаш се совпаѓале со актуелната политика и јавно мнение. Подемот на конзервативците и десницата во САД донесе и нови интерпретации на стариот закон од 1970-те, оттогаш до јуни 2022 година абортусот беше законски гарантиран на федерално ниво.
Конзервативците во САД се борат „за живот“ (pro-life или анти-абортус aктивизам), темата е поврзана со длабоката провинција која во САД е силна, економски и политички; како и со црквата и христијанските фундаменталисти. Така, во некои републикански држави како Аризона, Џорџија или Тексас, и фетусот има човекови права, па извршената процедура се рамни речиси со убиство. Казните се високи, затворски. Вакви општествени односи постојат само во грст земји во светот. Во Европа, Полска и Унгарија сакаат да ги имитираат САД, но јавноста таму е многу повеќе протестно расположена.
Правото за абортус беше една од главните теми во САД годинава. Бидејќи, не се работои само за рожбата, туку и за здравјето на жената и правото да одлучува дали сака да раѓа.
Падот на криптовалутите
Продолжителната економска криза, инфлацијата, војната во Украина и светската криза со снабдување со храна, ги урнаа берзите во САД и во светот. Ако акциите на реалните компании и фијат валутите како долар и евро се одржуваат до некое ниво, иако пониско отколку пред две години, берзата со криптовалути, со биткоинот како една од главните, се урна мизерно ниско и сеуште неможе да се опорави. Кулминацијата беше стечајот на Еф-Те-Екс (FTX) во ноември, крипто берза на чија онлјан платформа тргуваа милиони ивеститори.
Соочен со тужби за финансиски криминал вреден повеќе милијарди долари, основачот на FTX, Сем Банкман-Фрид (30), во експресно покрената истрага на ФБИ, од Бахамите беше екстрадиран во САД. Неговите злодела, велат, се споредуваат со оние на Берни Медоф, основачот на најголемата финансиска пирамида во светот, кој во април 2021 почина во затвор, каде служеше доживотно.
Среднорочни избори
САД се во состојба на вечна изборна кампања. Така барем остави впечаток кампањата на Доналд Трамп, кој всушност од 2016 година наваму постојано е или претседател или самонаметнат кандидат за претседател. Дали ќе стане кандидат на републиканците е голем знак прашање, но 2022 година беше одбележана со уште едни избори, среднорочните. Во ноември беа бирани претставници за во Конгресот, гувернери, членови на државните Конгреси и Сенати, локални советници. За разлика од претседателските, ова се едни најсеопфатните избори кога на тест е ставена американската демократија.
Републканците поминаа бледо на овие среднорочни, иако очекувњата беа целосна контрола на Конгресот со „заплиснување на црвен бран“. Тоа не се случи, добија контрола само во Претставничкиот дом, додека демократите го зацврстија водството во Сенатот.
За многумина, ова е резултат на избрзаната објава на претседателската трка на Трамп, кој подржа многу губитнички кандидати за конгресмени, и кој од ноември веќе и не води кампања. Изгледа дека неговото време одминува.
Извор: МИА