(ВИДЕО) Ковачевски и Костадиновска-Стојчевска: Културата останува приоритет, а буџетот за 2023 не го оптоваривме со долгови

Од:

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска на прес-конференција го образложија предлог Буџетот за културата за 2023 година, кој годинава ќе биде фокусиран на две основни цели: отворање перспективи за развој на културата и грижа за постоечкото културно-историско наследство. Вкупниот предлог Буџет на Министерството за култура за 2023 година изнесува 61,6 милиони евра.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека Владата се води од определбата какви предизвици и да се пред неа, економски и енергетски конкретно денес, поради светската криза – културата останува приоритет.

Ковачевски нагласи дека е обезбеден континуитет на реализацијата на програмите и проектите во културните установи, на платите на вработените во културата, на заштитата на културно-историското наследство.

Претседателот на Владата информираше дека со Буџетот за наредната година, сите споменици и спомен обележја од Народно-ослободителната борба, на личности кои дале придонес во борбата против фашизмот и ослободувањето на нашата држава и на настани коишто се случиле во НОБ и се сведоштво за непокорот и борбата за слобода, ќе бидат реконструирани. Во делот на грижата за постоечкото културно-историското наследство, односно за реконструкција на сите споменици и спомен обележја од НОБ, Владата обезбеди пари од Буџетот на Република Северна Македонија, иако согласно Законот за меморијални споменици и спомен-обележја: за подигањето, чувањето, одржувањето, заштитата на спомен обележје се надлежни општините, односно Градот Скопје. Ковачевски нагласи дека на последната владина седница, Министерството за култура е задолжено, со рокови, да склучи договори/меморандуми за соработка со општините, за санација на спомен обележјата и да достави информација до Владата во којашто ќе бидат утврдени потребните мерки и средства за оваа цел.

Претседателот на Владата во делот на инвестициите истакна:„Во 2023 година започнува целосна реконструкција и санација на Музејот на Република Северна Македонија, каде се наоѓаат етнолошката, археолошката и историската поставка на државата и бесценетата Галерија на икони.

Оваа колекцијата на икони е најбројна од овој вид во земјата и содржи повеќе од 400 икони, кои што потекнуваат од почетокот на XIV век до средината на XX век. Со предлог Буџетот се предвидени 813 илјади евра за реконструкцијата и санацијата на овој објект којшто е заштитено културно добро и темелна институција. На овој начин ја осигуравме негова достоинствена заштита, како што доликува на институција од ваков вид“.

Тој додаде дека со предлог Буџетот превидени се 50 илјади евра за поддршка на младите во културата.

Министерката Костадиновска-Стојчевска истакна дека Владата врз реални основи, го структурираше буџетот за културата на 61,6 милиони евра.

„Од огромна важност е, дека сите финансиски обврски за оваа, 2022 година се реализирани, затворени. Според тоа, не префрлуваме никакви обврски од оваа, на товар на буџетот за следната година. Нема заостанати обврски, значи во следната година влегуваме со буџет кој нема да плаќа стари сметки и тоа ни овозможува да ги реализираме и планот и програмата за следната година со предвидениот износ“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа потсети дека во 2021 година, за плати од буџетот за култура се издвоени 49,51%, а во 2022 платите, во согласност со колективните договори, се 51,75 % од буџетот, односно 1 милион евра повеќе, износ кој е вграден во буџетот за следната година. Во буџетот за 2023 година се зголемени и средствата за комунални услуги за установите од областа на културата, зголемени се и блок-дотациите како и капиталните дотации за општините од 1 на 20 милиони денари. За капиталните расходи пак, во предлог Буџетот за културата за 2023-та, предвидени се 6,4 милиони евра. Процентот на реализација на капиталните инвестиции за 2022 година до овој момент е високи 83 % со тенденција во преостанатите 10 дена да биде повисок.

Како ставки остануваат и Програмата за „Културно наследство во опасност“ и поддршката на младите.

„Нашето внимание останува на заштитата на културното наследство. Се работи и ќе продолжи работата и на Скопскиот аквадукт и на црквата во Курбиново, но и на други културни сведоштва за нас. Затоа, не само од буџетот, фокусирани сме и на соработката и на поддршка од фондовите од меѓународни институции“, порача министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска информираше дека во 2023-та средствата за субвенции и трансфери ќе изнесуваат 12,5 милиони евра.

Во врска со годишниот конкурс ,пак, истакна дека во фокусот на комисиите остануваат принципите: поддршка на квалитетот, поддршка на младите уметници, на креативните и иновативните изрази, на проектите со традиционален и докажан квалитет и со реноме, запазување на принципот на застапеност – од родова до етничка.

„Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година траеше од 17 октомври до 25 ноември. Рокот го продолживме за една недела по барање на корисниците, кои алармираа за потешкотии поради преоптовареност на системот, но имаше и субјективни проблеми поради неажурирани податоци на дел од апликантите. Поддршката од МИОА ни беше драгоцена зашто овој пат аплицирањето се одвиваше преку националната платформа „е-услуги““, посочи министерката за култура.

Во моментов, додаде Костадиновска-Стојчевска, комисиите работат на програмите од националните установи, а службите во Министерството за култура ја вршат административната проверка на веродостојноста на прикачените документи во електронската апликација. И благодарејќи на овој систем, од оваа година решенијата за прифатени, одбиени или отфрлени проекти, корисниците ќе ги добијат по електронски пат.

„Оваа година пристигнаа 3.355 пријави. Најмногубројни и оваа година се пријавите во издавачката дејност. И тука сакам да ја споделам информацијата дека ги исплаќаме сите обврски кон корисниците за проектите што се реализирани во оваа година, запазувајќи ја тенденцијата – без пренесени обврски во новиот буџет за тој целосно да биде наменет за програмата за 2023-та. До моментов, за оваа намена се намирени над 96 %“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека реализацијата на севкупниот буџет на Министерството за култура за 2022 година, заклучно со вчерашниот ден, е 95 %.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот