Лидерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, објави писмена изјава во која ги „охрабрува“ парламентарците да бидат „физички присутни“ вечерва на седницата „специјално посветена на демократијата“, на која украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој e во САД, ќе им се обрати на парламентарците.
„Украинските борци за слобода, соочени со ужасните злосторства на Владимир Путин, го инспирираа светот со својата железна волја и нескротливиот дух. Тие се борат против бруталната и неоправдана инвазија на Русија“, рече Пелоси.
„Претседателот Зеленски е храбар и неуморен патриот, кој го предводеше не само својот народ, туку и светот, да се приклучи во борбата за слобода. Со нетрпение очекуваме да ја слушнеме неговата инспиративна порака за единство, издржливост и решителност“, се вели во изјавата на Ненси Пелоси.