Здравствената состојба на Џанлука Вијали и на Синиша Михајловиќ, двајцата легендарни фудбалери кои се борат за опасни болести, е сериозно влошена, откриваат медиумите во Италија. Вијали поради новонастаната ситуација со борбата со канцер ќе мора да се повлече од работното место и нема веќе да биде асистент во стручниот штаб на селекторот Роберто Манчини.
„На крајот на едни долги и тешки преговори со мојот прекрасен тим на онколози, решив да ја прекинам мојата работа во националниот тим, се надевам привремено. Целта е комплетната психо-физичка енергија да ја искористам за моето тело да ја надмине оваа фаза на болеста и се надевам дека што е можно побрзо ќе се соочам со нови авантури и сето тоа ќе го поделам со сите вас. Ве гушкам сите“, објави Вијали.
Михајловиќ веќе три години се бори со леукемија, а досега неколкупати излегуваше како победник. Според италијанскиот новинар Иларио Ди Џиова, Србинот е во стабилна состојба, но многу полошо од претходно.
„Синиша Михајловиќ е стабилно. Вистина е дека во последните часови му се влоши состојбата, но тој е со своето семејство кое му дава поддршка во моментов“, објави Ди Џиова.
Извор: Топспорт