Во Минск, Белорусија, од 20 до 27 август годинава се одржа 15. Светски славистички конгрес на кој учествуваа 550 слависти од 34 земји.
На конгресот беа прифатени 18 реферати на 19 македонски слависти, иако планираната квота за Македонија беше 15 реферати. Македонскиот славистички комитет направи посебни напори да го организира учеството на македонските слависти, да бидат покриени со учество сите планирани подрачја во програмата, ценејќи го значењето и улогата на светските славистички конгреси што се одржуваат секоја петта година во развојот на светската славистика.
Како што вели претседател на Македонскиот славистички комитет проф.д-р Максим Каранфиловски, од историјата на нивното досегашно одржување познат е макотрпниот пат на македонските слависти да се изборат за своето заслужено место и за местото на македонскиот јазик како рамноправен и признат во семејството на словенските јазици.
Македонија беше претставена и на традиционалната изложба на книги што се одржува во рамки на конгресот со цел славистите од целиот свет да се запознаат со најновата славистичка продукција во светот. По традиција книгите остануваат во сопственост на организаторите, а тие ги предаваат во некоја своја национална институција, во овој случај на Националната библиотека на Белорусија.
Во македонската делегација која учествуваше на конгресот беа Милан Ѓурчинов, Максим Каранфиловски, Танас Вражиновски, Димитрија Ристески, Димитар Пандев, Веселинка Лаброска и Александра Ѓуркова како учесник во тематски блок на Комисијата за социолингвистика.
На завршното пленарно заседание беше решено следниот конгрес да се одржи во 2018 година во Белград и беше избрано ново раководство на Меѓународниот славистички комитет. По традиција, со комитетот до наредниот конгрес раководи домаќинот и за претседател беше избран професорот Бошко Сувајџиќ од Белград. За член на Меѓународниот славистички комитет од Македонија до 2018 г.повторно едногласно беше избран академик Милан Ѓурчинов.