Европскиот парламент и владите на земјите-членки на Европска Унија постигнаа договор да се забрани увозот во ЕУ на повеќе производи, кои придонесуваат за уништување на шумите, јави дописникот на МИА.
Во соопштението на ЕП се наведува дека во периодот од 1990 до 2020 година уништени се шуми на површина поголема од ЕУ и оти потрошувачката на производи во Европа е одговорна за околу 10 проценти од овие загуби.
Договор таргетира неколку производи како какао, кафе, соја или палмино масло. Засегнати се и дрвото, говедското месо и гумата, како и неколку придружни материјали (кожа, чоколадо, мебел, хартија, јаглен и друго.). Нивниот увоз ќе биде забранет доколку овие производи потекнуваат од обесшумена земја по 31 декември 2020 година. ЕП истакнува дека че се земат предвид штетите нанесени на сите шуми.
Компаниите увозници ќе бидат одговорни за нивниот синџир на снабдување.
Текстот беше предложен во ноември 2021 година од страна на ЕК. Европратениците во септември гласаа за значително зајакнување, со проширување на опсегот на засегнати производи. ЕП исто така, побара опсегот на текстот да се прошири и на други загрозени шумски екосистеми, како што е саваната Серадо. Договорот постигнат меѓу преговарачите на Парламентот и земјите-членки предвидува дека ова проширување „на друго шумско земјиште“ мора да се оцени најдоцна една година по стапувањето во сила на текстот.
ЕП и Советот на ЕУ ќе треба официјално да го одобрат овој договор.
Извор: МИА