Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска го обвини Брисел дека сака да ги замрзне парите наменети за Унгарија „од политички причини“, односно политиката на Будимпешта кон мигрантите и нејзиното противење на санкциите против Русија поради војната во Украина. Европската комисија препорача во средата повеќе од 13 милијарди евра од европските фондови наменети за Унгарија да бидат замрзнати поради проблеми со корупцијата во земјата.
Комисијата одлучи да биде строга кон Орбан, кого го обвинува за „уцена“ поради блокирањето на заедничкиот план за помош за Украина од 18 милијарди евра и минималниот корпоративен данок.
Под притисок на Европскиот парламент, Комисијата им предложи на земјите-членки, кои треба да донесат одлука до 19 декември, да суспендираат 7,5 милијарди евра од кохезионите фондови, кои треба да и бидат исплатени на Унгарија во рамки на буџетот за периодот од 2021 до 2027 година.
Од друга страна, комисијата одлучи да го потврди унгарскиот национален план за закрепнување од пандемијата на ковид-19 (5,8 милијарди евра), но со 27 услови, кои вклучуваат 17 мерки за борба против корупцијата, како и реформи за подобрување на независноста на судството.
Во интервју за јавното радио во петокот, Орбан ги обвини „бирократите во Брисел“ дека го одложуваат спроведувањето на планот за помош за Унгарија „од очигледни политички причини“.
„Постојат разлики во мислењата меѓу ЕУ и Унгарија за неколку фундаментални прашања и затоа (Брисел) не ја сака унгарската влада. Брисел „бара отворање на нашите граници за мигрантите, но ние нема да го сториме тоа, воведување на нивната сексуална пропаганда во нашите училишта, но нема да го направиме. Брисел „исто така бара наша безусловна поддршка за санкциите и војната (против Москва), но ние нема да го сториме ниту тоа, рече тој.
„Дури и ако бирократите во Брисел се неправедни кон Унгарија со тоа што секогаш поставуваат нови услови, ние мора да се стремиме да постигнеме договор“ со ЕУ, рече тој. Ќе ги воведеме дополнителните барани мерки и не се сомневаме дека ќе успееме да ја убедиме Комисијата во 2023 година“, изјави унгарскиот преговарач Тибор Наврачич.