Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска потврди дека сите страни се согласиле да го продолжат договорот за извоз на жито од пристаништата во Црното Море, постигнат со посредство на ОН, чија цел е да се олесни глобалната криза со храна.
Претходно Русија најави можно суспендирање на договорот.
„Го поздравувам договорот на сите страни за продолжување на Иницијативата за безбеден извоз на жито, прехранбени производи и ѓубрива од црноморските пристаништа во Украина“, напиша Гутереш на Твитер. „Иницијативата ја покажува важноста на дискретната дипломатија во изнаоѓањето мултилатерални решенија, додаде тој.
Претходно денеска, украинското Министерство за инфраструктура соопшти дека е постигнат договор за продолжување за 120 дена на иницијативата за извоз на украинско жито преку црноморските пристаништа.
„Оваа одлука штотуку беше донесена во Истанбул. Обединетите нации и Турција остануваат гаранти на иницијативата“, се вели во соопштението.
Првичниот договор постигнат во јули помогна да се избегне глобална криза со храна со тоа што дозволи извоз на храна и ѓубрива од неколку украински пристаништа на Црното Море блокирани од Русија.
Извор: МИА