Придвижување на активностите околу признавањето на уставното име, олеснување на визната политика и отворање постојана амбасада на Австралија во Македонија ќе бидат клучните заложби на новонаименуваниот амбасадор Веле Трпевски кој денеска пред собраниската Комисијата за надворешна политика ја претстави својата дипломатска платформа.
Меѓу приоритетите на Трпевски, како што рече, ќе бидат и изучувањето на македонскиот јазик меѓу дијаспората, како и интензивната промоција на македонското културно наследство.
– Билатералните односи меѓу Македонија и Австралија се во постојана нагорна линија. Овој тренд мора да продолжи особено ако се земе предвид дека во оваа земја нашата дијаспора е најбројна, неофицијално околу 200.000 до 250.000, истакна Трпевски.
Осврнувајќи се на економската дипломатија, амбасадорот нагласи дека целта ќе биде привлекувањето директни инвестиции со акцент на анимирање на нашите успешни бизнисмени во Австралија. Тој како особено значајни ги посочи туризмот и земјоделството како гранки кои нудат огромна можност за уште поголема соработка.
Амбасадорското место на Македонија во Австралија беше празно повеќе од една година.