Израел го активира целиот систем за одбрана од напад со проектили, како мерка на безбедност од можни сириски одмазнички напади при евентуалната американска воена интервенција, јави Израелското воено радио.
Системот за одбрана од проектили вклучува батерии „Железна купола“, „Патриот“ и „Ероу 2“.
Соочени со најавите за можен воен удар со крстосувачки проектили од САД и нивните сојузници, сириските власти се заканија дека нема да се колебаат да возвратат со контраудар врз својот регионален непријател, Израел, било директно со проектили, било преку одредите на Хезболах, кои на позиции во Либан поседуваат краткострелни ракети што може да гаѓаат цели до Ерусалим и Тел Авив.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека неговата земја настојува да се држи на страна од сириската криза, но истакна дека ќе одговори „моќно“ на секаков напад.