Израелскиот премиер, Јаир Лапид, во интервју за рускиот телевизиски канал „РТВ“ изјави дека односите на Русија со Иран претставуваат сериозна закана за целиот свет.
Тој смета дека односите меѓу Русија и Иран се сериозен проблем за Израел, но и за Украина, Европа и целиот свет.
„Иран е опасна терористичка држава и фактот што Русија има работа со неа го става во опасност целиот свет. Фактот дека тие користат ирански дронови за да убиваат украински цивили е апсолутно неприфатливо“, нагласи израелскиот лидер.
Лапид ја повтори својата поддршка за Украина во конфликтот со Русија, но нагласи дека негова „должност е да се грижи за безбедноста на Израел“ очигледно алудирајќи на изјавата на министерот за одбрана, Бени Ганц, дека Израел нема да ја снабдува Украина со оружје, јавија израелските медиуми.
Извор: МИА