Синоќа во североисточниот дел на Германија избувна пожар во прифатилиште за украински бегалци. Спасени се 14 бегалци и тројца вработени, соопштија германските власти.
Поранешен хотел претворен во прифатилиште за бегалци изгоре доцна синоќа, соопшти полицијата. Во пожарот нема повредени, а бегалците се префрлени во други прифатни центри.
„Нема да толерираме говор на омраза и насилство“
„Едно мора да биде јасно – на луѓето кои бегаат од војна им е потребна нашата заштита и поддршка. Нема да толерираме никаков говор на омраза и насилство“, рече Мануела Швесиг, гувернер на германската покраина Мекленбург-Померанија.
Германската новинска агенција ДПА јавува дека полицијата ги истражува причините за пожарот и се сомнева дека станува збор за подметнување пожар.
Да потсетиме, од почетокот на руската инвазија на Украина, повеќе од милион бегалци, главно жени и деца, пристигнаа во Германија.