Русија денеска повторно ги предупреди САД и меѓународната заедница, дека воената интервенција во Сирија, би имала катастрофални последици за државите на Блискиот исток.
-Обидите да се заобиколи Советот за безбедност на ОН и да се создадат вештачки и неосновани изговори за воена интервенција во регионот , ќе донесе нови страдања за Сирија и ќе има катастрофални последици за другите држави на Блискиот исток и северна Африка, наведе руското Министерство за надворешни работи.
Министерството ги повика САД и меѓународната заедница на внимание и строго почитување на меѓународното право.
Москва нагласи дека сериозно е разочарана поради одлуката на САД, да го одложи состанокот со Русија, за сириската криза, кој требаше да се одржи идната недела во Хаг.
Одлуката САД да го одложи состанокот во Хаг, праќа погрешен сигнал за сириската опозиција и го охрабрува верувањето во силна надворешна интервенција, смета руското Министерство.
Шефот на американската дипломатија Џон Кери вчера изјави дека претседателот на САД, Барак Обама смета дека оние кои употребуваат хемиско оружје против загрозеното население, треба за тоа и да одговаат.
Елена Георгиевска