Иран вети дека ќе и обезбеди на Русија ракети земја-земја покрај беспилотните летала, изјавија за Ројтерс двајца високи ирански претставници и двајца ирански дипломати.
Договорот е постигнат на 6 октомври, кога првиот потпретседател на Иран, Мохамад Мокбер, двајца високи функционери на моќната иранска Револуционерна гарда и претставник на Врховниот совет за национална безбедност ја посетија Москва за да разговараат за испорака на оружје со Русија, пренесе британската агенција.
„Русите бараа повеќе беспилотни летала и ирански балистички ракети со подобрена прецизност, особено оние од семејството на ракети Фатех и Золфагар“, рече еден од иранските дипломати, кој беше информиран за патувањето.
Западен функционер информиран за ова го потврди ова, велејќи дека постои договор меѓу Иран и Русија за обезбедување балистички ракети земја-земја со краток дострел, вклучувајќи го и „Золфагар“.