Високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека се надева оти министрите за надворешни работи на Унијата на денешниот состанок во Луксембург ќе одобрат нови санкции за Иран.
„На маса е пакет санкции како поддршка на храбрите жени и демонстрантите во Иран. Се надевам дека министрите ќе го одобрат и овој пакет“, рече Борел при пристигнувањето на состанокот.
Тој уште додаде дека министрите ќе разговараат и за наводите дека Иран испорачува беспилотни летала во Украина, за што се работи на прибирање „конкретни докази“.
Дипломатот на ЕУ, исто така, очекува министрите да го дадат своето официјално одобрение за мисија за обука на ЕУ за околу 15 илјади украински војници и да одобрат уште 500 милиони евра воена помош за Украина.
Извор: МИА