Кандидатот за градоначалник на Москва и представник на опозицијата, Алексеј Навални вчера на предизборниот собир во Москва беше приведен, но набргу и пуштен.
-Еден од кандидатите на изборите за градоначалник на Москва, беше повикан на разговор во полицијата, поради кршење на законот за собир на јавни места. По разговорот тој е пуштен, соопшти полицијата.
Навални на својот „Твитер“ профил, ги информира своите приврзаници, дека е ослободен.
-Се е во ред. Шефот на полицијата ми понуди јаболко и рече дека потполно сум слободен, наведе политичарот, кој на претходниот собир зборуваше пред околу 6.000 лица, меѓу кои и неколку десетици полицајци.
Резултатите од анкетите покажуваат дека Навални, има помеѓу 13 и 20 проценти гласови на претстојните избори во септември за прв човек на Москва.
Тој на 18–ти јули беше осуден на пет години затвор, поради проневера на пари. На таа пресуда тој поднесе жалба, наведувајќи дека се работи за изрежирана афера. До новата пресуда тој ќе биде на слобода.
Елена Георгиевска