ОН: Здравјето, образованието, очекуваниот животен век поради Ковид-19 се вратија на нивото од пред пет години

Од:

Очекуваниот животен век, образованието и животниот стандард на населението се вратија на нивото од 2016 година, поради пандемијата на Ковид-19, се предупредува во Извештај на ОН за човековиот развој објавен денеска.

Во документот се изразува страв и дека војната во Украина дополнително ќе ја влоши ситуацијата.

За првпат од неговото воспоставување пред 30 години, индикаторот за човековиот развој, кој ги зема предвид очекуваниот животен век, образованието и животниот стандард, падна две последователни години во 2020 и 2021 година, враќајќи се на нивото од 2016 година, информира програмата на ОН за развојот на ОН (УНДП).

Тоа „огромно влошување“ се однесува на повеќе од 90 проценти од земјите во светот.

Индикаторот за човековиот развој во голема мера е намален поради падот на очекуваниот животен век во периодот од повеќе од една и пол година помеѓу 2019 и 2021 година (71,4 години во 2021 година во споредба со 73 години во 2019 година), додека вообичаено секоја година се зголемува за неколку месеци.

Во САД, очекуваниот животен век е намален за две години, додека во другите земји овој пад е уште поизразен.

Соочен со низа невидени кризи, особено „Ковид-19“, светот се врати пет години наназад во однос на човечкиот развој, поттикнувајќи „страв“ и „фрустрација“ низ целата планета, се вели во извештајот на ОН.

– Ова значи дека луѓето умираат порано, дека сме помалку образовани и оти нашите приходи паѓаат, рече шефот на УНДП Ахим Штајнер во интервју за Франс прес, пренесува Бета.

– Со овие три параметри, можете да добиете одговор зошто луѓето почнуваат да стануваат очајни, фрустрирани, загрижени за иднината, додаде тој.

Индикаторот постојано напредуваше со децении, а во 2021 година се врати на нивото од 2016 година, што „избриша години на развој“. Главната причина за тоа е Ковид-19, но и климатските катастрофи кои се множат, кризи кои продолжуваат без да му дозволат на населението „да земе здив“.

– И порано сме имале катастрофи, претходно сме имале конфликти, но комбинацијата на она со што се соочуваме денес е големо назадување за развојот на човештвото, рече шефот на УНДП.

Ова уназадување е речиси универзално и погодува 90 отсто од човештвото, иако нееднаквостите меѓу земјите сè уште се изразени. На врвот на листата и натаму се Швајцарија, Норвешка и Исланд, а на дното е Јужен Судан пред Чад и Нигер.

И додека некои земји почнуваат да закрепнуваат од влијанието на пандемијата, многумина во Латинска Америка, субсахарска Африка, Јужна Азија или Карибите, немаа време да „земат здив“ пред да дојде нова криза – војната во Украина.

Со големо влијание врз безбедноста на храната и енергијата, кои сè уште не се земени предвид во индикаторот што завршува до 2021 година, изгледите за 2022 година се несомнено мрачни, рече Штајнер.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Премиерот му одговори на Трамп: Не е на продажба

Бајден ги замени смртните казни на 37 осуденици со доживотен затвор пред Трамп да ја преземе функцијата

Познат идентитетот на напаѓачот на пазарот: Газеше луѓе 400 метри

Предраг Петровиќ

Шефот на украинската армија нареди повлекување

(ВИДЕО) Неуспешен обид за импичмент на претседателот: Врие во Јужна Кореја

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Судирите продолжуваат во Грузија, уапсени демонтранти

Предраг Петровиќ