Во Богданци вечер почнува традиционалната Меѓународна графичка работилница „Софија“.
На работилницата, единствена од ваков тип во Македонија и на Балканот, ќе учествуваат 16 млади автори, студенти на државните академии во Скопје, Белград, Нови сад, Нови Пазар, Сараево, Љубљана, Загреб и Софија. Тие ќе имаат можност за размена на искуства и за реализација на нивните дела.
Завршните дела ќе бидат изложени во галерискиот простор на печатницата „Софија“, а по завршувањето на работилницата се предвидени изложби во повеќе градови низ Македонија, како и во други земји на Балканот.
Графичката работилница „Софија“ првпат се одржа во 2008 година. Досега низ неа продефилираа над 90 млади уметници од регионот.