Федералниот обвинител на Аргентина денеска побара 12-годишна затворска казна за Кристина Фернандез де Кирхнер, поранешната претседателка на државата и актуелен потпретседател, под обвинение за корупција.
Обвинителот Диего Лучиани ја обвини Фернандез де Кирхнер, се уште влијателна личност во владејачката Перонистичка партија, дека ја измамила државата и била вклучена во шема за пренасочување на јавните средства за време на нејзините два претседателски мандати помеѓу 2007 и 2015 година.
Конечната пресуда ќе биде позната за неколку месеци, додека таа би можела да поднесе жалба до повисоките судови, за што би биле потребни години за да се донесе конечна одлука, пишуваат локалните медиуми.
„Ова беше веројатно најголемиот корупциски маневар досега во нашата земја“, рече меѓу другото обвинителот Лучиани во завршниот збор на судскиот процес.
Извор: МИА