Тајван денеска ги подигна своите борбени авиони поради влегувањето на 27 кинески авиони во зоната за воздушна одбрана на овој остров, соопшти тајванското Министерство за одбрана.
Како што се наведува, 22 кинески авиони ја преминале централната линија, која го дели островот од остатокот на Кина, пренесува Ројтерс.
Тајванските власти соопштија дека распоредиле ракетни системи за следење на кинеската активност во „идентификациона зона на воздушната одбрана“.
„Пелоси не е свесна за мноштвото проблеми во својата земја и не се грижи за егзистенцијата и благосостојбата на своите сограѓани, туку прави политички трикови и го повторува она што со бројни факти е докажано дека е лага на векот,“ напиша на Твитер портпаролката на кинеската Влада Хуа Чунјинг.
Таа додаде дека посетата на Пелоси на Тајван го разоткрива злокобниот мотив за користење на човековите права како изговор за мешање во внатрешните работи на други земји, поткопување на стабилноста на Кина и ограничување на развојот на Кина.
Велика Британија и Германија веднаш реагираа и побараа деескалација на ситуацијата.
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас ја повика Кина да ја деескалира ситуацијата во врска со посетата на Ненси Пелоси. „Не го поддржувам нивниот воспалителен пристап. Сосема е нормално она што се случува (се мисли на посетата на Пелоси) и ја повикувам Кина на деескалација“, рече Трус.
За зголемените тензии коментираат и германските власти. – Берлин заедно со меѓународните партнери се залага за деескалација во Тајванскиот Теснец, изјави портпаролот на германското Министерство за надворешни работи.
Тој додаде дека воените закани се неприфатливи. Германија одржува блиски односи со Тајван, кој е важен партнер, изјави портпаролот на редовната владина прес-конференција.
Германската влада поддржува јасна политика „Една Кина“ како и САД, додаде владиниот портпарол.