Од денеска до 31. август ќе се реализира втората фаза од шестото издание на манифестацијата „Топол културен бран“, чија цел е дисперзија на културните содржини низ градовие во Република Македонија.
Во 29 општини ќе бидат одржани повеќе од 50 настани од сите дејности на културата, целовечерни концерти на фолклорни и хорски ансамбли, театарски претстави, ликовни изложби, концерти на популарна и урбана музика, филмски вечери посветени на презентација на македонскиот игран филм, како и изведби на театарски претстави за деца.
Во рамки на првата фаза од „Топол културен бран“ во периодот од 20 до 31 јули, беа презентирани повеќе од 50 настани кои наидоа на одличен успех кај публиката. Граѓаните имаа можност да уживаат во културните содржини, меѓу кои и концерти на етно групите „Синтезис“, „Љубојна“ и настапи на ансамблот „Танец“.
„Топол културен бран“ е само една од низата манифестации кои Министерството за култура традиционално ги поддржува и кои во летниот период им овозможува да граѓаните да проследат бројни културни содржини, концерти, театарски претстави, литературни читања. Меѓу нив се Охридското, Скопското и Прилепското лето, Струшките вечери на поезијата, Балканскиот фолклорен фестивал, „Галичка свадба“, фестиавлот на античка драма „Стоби“, Офф-фест, крушево-етно град и многу други.