Младинскиот оркестар на Европската унија (European Union Youth Orchestra-EUYO) утревечер ќе одржи концерт во Македонската опера и балет, како дел од манифестацијата „Скопје се сеќава“ и одбележувањето 50 години од скопскиот земјотрес. Тој е ексклузивна содржина на годинашното „Скопско лето“ кое официјално заврши пред 20 дена.
На сцената на МОБ ќе бидат 120 музичари на EUYO од сите 28 земји-членки на ЕУ, а концертот ќе го води Данецот Томас Сондергард, кој е главен диригент на Би-Би-Си Националниот оркестар на Велс, а и самиот бил член на Оркестарот на крајот на 1980. години. Екипата, во која покрај музичарите се и дваесетина лица од персоналот за логистика, денеска треба да пристигне во Скопје. Тоа ќе биде нивно прво гостување во Македонија, во рамки на летната турнеја низ Европа.
Извршниот директор на Оркестарот Маршал Маркус денеска на прес-конференција рече дека членуваат млади до 25 години кои се избираат на годишни аудиции кои траат од октомври до март во земјите на ЕУ.
– Членуваат во овој оркестар кога студираат и стануваат професионални музичари и тоа е значаен, транзициски период во нивниот живот. Кога гостуваме, за нас е важно да донесеме музичка совршеност и да ја презентираме Европската унија која е создадена за мир, а опиплива метафора за тоа се различните култури заедно на сцената, рече Маркус.
Оркестарот ќе свири три класични дела во МОБ: концертниот валцер „Покана за танц“ на Вебер, суитата од „Приказна од западната страна“ на Бернштајн и балетот бурлеска „Петрушка“ на Стравински, верзија од 1947. Маркус рече дека бараат рамнотежа во изборот на автори и традицијата е често на нивниот репертоар зашто минатото, како што рече, е наследството на ЕУ.
Со гостувањето во Македонија, EUYO ќе почне и партнерство со „Скопско лето“ и Музичката младина на Македонија и тригодишна програма 2013-2015, наречена „Проект Македонија“. Целта е да се продлобочи соработката помеѓу Младинскиот оркестар на ЕУ и голем број културни инситуции во Македонија. Проектот ќе вклучува формални и неформални настани, културни изучувања и размени, помош за развој на фестивалот и сорабатка меѓу младите музичари од оркестарот на ЕУ и младите музичари од Скопје и од целиот регион. Предвидено е млади македонски музичари идното лето да му се приклучат на EUYO на турнеја во нивната летна резиденција во Австрија, а се планира и Оркестарот во август 2014 да има концерти на летните фестивали во Охрид и Битола.