На шести и седми и јули како што беше најавено, Камерниот оркестар на Битола го одржа второто издание на Балкан Гала.
Спектаклот траеше два дена а настапите на домашните, регионалните и интернационалните артисти, докажаа дека сме направиле одличен избор на гостите за овогодинешното издание, информира организаторот.
На отворањето на фестивалот со Рок Симфонијата, посетителите на ракометното игралиште имаа можност да уживаат во настапите на одличните Жарко Јакимоски, Петар Младеновски(Суперхикс), Ружица Ареа, Гиле од Електрични Оргазам и Михајло Трајковски – Сак кој уште еднаш докажа дека со право е миленик на македонската публика. Последниот гостин на сцената кој што имаше чест да го затвори концертот Рок Симфонија беше Ристо Вртев, со чиј настап вечерта ја достигна својата кулминација, а на преполното ракометно игралиште во еден глас се пееја неговите песни.
Нема поубаво чувство кога работите на ваков фестивал и гледате дека сте организирале концерт кој никого не оставил рамнодушен, изјавија организаторите на фестивалот, диригентот Владимир Димовски и виолинистот Владимир Цветковски.
По кратката пауза после Рок Симфонијата свој сет имаше светскиот диџеј Дарен Емерсон.
Следниот ден беше резервиран за Поп Симфонија.
Вечерта ја отвори Виктор Апостоловски по кого следуваа настапите на Викторија Лоба, Александра Јанева, Ламбе Алабаковски и Ристо Самарџиев. Покрај настапите на нашите пејачи сцената и припадна на Гоца Тржан.
Како организатори на второто издание на Балкан Гала, најголемата награда освен овациите и аплаузот на публиката кои подеднакво ги поддржа сите артисти кои се појавија на сцената, беше благодарноста на пејачите кон Камерниот оркестар на Битола, што ни потврди дека сме го направиле вистинскиот избор на артисти, што ни задава голем предизвик и сериозна задача за наредното издание на Балкан Гала, кој што како фестивал продолжува да се развива и да ги поместува границите на музичките настани, изјавија Владимир Димовски и Владимир Цветковски.