Вицепремиерот Бојан Маричиќ вчера ја обвини редакцијата на „А1он“ дека неточно информирала и манипулативно презентирала бројки за тоа колку државни пари потрошил за јадење во текот на 2021 година.
„Ја повикувам јавноста критички и објективно да го прими и толкува овој мој одговор и да направи споредба со начинот на кој А1он одлучиле да ги извртуваат оние 857.5 денари и да ги претставуваат како наводно расипништво, гоштавање или безобразност“, напиша меѓу другото Маричиќ.
Наместо ова да го достави како демант до „А1он“, тој го објави како реакција на социјалната мрежа „Фејсбук“, од причина што истите бројки поткрепени со документи ги објави и нашата редакција. Единствената разлика е што Маричиќ го оправдува сето ова јадење на државен трошок со „обемната работа“ којашто ја имал и дека не го прекршил законот туку уживал во погодностите што му биле овозможени. Тој дури, вчера, арогантно и иронично коментираше дека повторно јадел во Клубот на пратеници на средбата која траеше само три часа, а остана неодговорено прашањето која била потребата повторно да се јаде на државен трошок.
„А1он“ смета дека единствено манипулативно во овој случај е однесувањето на Маричиќ, кој, се чини, се заборавил дека одговара пред јавноста. Воедно му укажуваме на вицепремиерот во иднина да не се меша во работата на нашата редакција, а доколку смета дека изнесеното е лага, постојат институции каде што може да се обрати.
Сите бројки кои ги објави „А1он“ се добиени од Министерството за правда. Според нив, и во текстот е презентирано дека оправдување со извештај има само за седум состаноци, од педесетина сметки плаќани од државниот буџет. Истото му беше посочено и на Маричиќ пред да објави реакција, на што тој вети дека ќе достави документи, но до овој момент тоа не го направи.
Кој манипулира со бројки покажува пресметката на вицепремиерот кој сумата од 5.000 евра ја дели на 365 дена во годината, за да дојде до сума од 857.5 денари дневно. Според неговата пресметка, тој работел седум дена во неделата, цела година, без ден одмор и слободен ден.
„А1он“ истата сума од 5.000 евра, ја подели на 12 месеци во годината. Оттука и заклучокот дека Маричиќ трошел во просек по скоро една просечна македонска плата месечно за јадење и пиење по угостителски објекти.
Синоќа Маричиќ единствено по What’s up прати информација дека сумата од 17.000 денари која ја потрошил во пицерија „Ера“ е при патување во Тирана. До овој момент и покрај сите најави, како на прес-конференцијата, така и преку комуникацијата со нашата редакција – тој не ги достави над 40-те извештаи за потрошени народни пари.
„А1он“ го поканува вицепремиерот Маричиќ во нашата редакција или студио во секое време, доколку сака да се соочи и да докаже пред јавноста во што се состои нашата манипулација. Доколку е попогодно за вицепремиерот Маричиќ, „А1он“ го поканува и на деловен ручек, на наша сметка.
Маричиќ веројатно знае дека во Европа, која не ја вади од уста, функционерите имаат етички кодекс и многу се внимава како ги трошат државните пари. Досега се познати десетици примери кога министри во европски држави поднесувале оставки од функции кога со службена картичка ќе купеле дури и тоблероне без разлика дали тоа е дозволено или не, бидејќи се коси со етичките норми. Оставки се давале и за платени скапи вечери од државни пари. Дозволениот лимит не значи дека секој месец да се оди во ресторан, со што јавноста вчера и го постави прашањето: „Дали повеќе деловни состаноци се прават во кафеани отколку на работното место?“
„А1он“ објави дека нема месец во кој Бојан Маричиќ како министер за правда не бил во ресторан на државна сметка. Од бифтеци и печења до свежи риби и јунешки мускули се плаќале со неговиот министерски потпис. На сметките исто така има и жолти ракии и висококвалитетни вина. Плаќал со службената картичка, но и на фактури што угостителските објекти ги доставувале до Министерството за правда. Само од податоците кои „А1он“ ги доби може да се заклучи дека за една година, од минатиот јануари до јануари оваа година, Маричиќ исплатил 313.603 денари или 5.000 евра за гоштавање. Сумата би била поголема ако во неа се пресметаат и трансакциите што се направени во евра.