Три елегантни девојки, нивните три гудала и четири жици, вчеравечер на платото „Лептокарија“ обезбедија волшепство во кое уживаа многу карпошани и љубителите на класичната музика. Триото „Фор стрингс“, составено од Олгица Здравковска, Алберта Доко и Љупка Манчевска, реализираше одличен настап на четвртата по ред карпошова културна вечер.
Звуците на двете виолини и на виолончелото, кои изведоа многу познати и атрактивни парчиња, придонесоа за одлична атмосфера, ги вратија присутните во времето на вечната класика и понудија одлична подлошка да се ужива во делата на врвните сликари, учесници на Дневниот ликовен хепенинг. Сликите од овој традиционален настан што го организира Општина Карпош, изложени вечерва на платото „Лептокарија“, имаа цел на присутните да им подарат и визуелно задоволство, покрај фантастичната музика.
Уметници од целиот свет и од Македонија, кои беа дел од Дневниот ликовен хепенинг, пред самиот почеток на концертот, за своето учество добија и благодарници од Општина Карпош, а им ги додели Горан Михајлов, советник и претседател на Комисијата за култура при Советот на Општината.
Едномесечното културно летно освежување во организација на Општина Карпош продолжува. Манифестацијата „Карпошово културно лето 2013“ нуди интересни и забавни настани за сите граѓани. Почетокот на септември ќе се отвори со џез-вечер на „Шери коктел“, по што следува и реализација на мјузиклот „Чевел“. И оваа година, Општина Карпош не ги заборава и најмалите. Младинскиот форум за соработка и Општина Карпош обезбедија детска програма на која ќе гостува малата суперталентка Ања Ветерова и дечињата од фестивалската манифестација „Поточиња“. Ова е само мал дел од големиот избор што го нуди програмата за годинашното „Карпошово културно лето“.