Врховен суд на Јапонија: Државата не е одговорна за нуклеарната несреќа во Фукушима

Од:

Врховниот суд во Токио пресуди во корист на државата во спор во кој околу 3.700 внатрешно раселени лица принудени да ја напуштат областа околу нуклеарната централа Фукушима 1, ја тужеа државата затоа што не ги усвоила релевантните безбедносни прописи за кои рекоа дека би можеле да го спречат катастрофално излевање на радијација по цунамито во март 2011 година. Ова е прва одлука на највисоката инстанца, која најверојатно ќе има значително влијание врз исходот на други слични спорови кои моментално се водат.

Врховниот суд во Токио ја отфрли заедничката жалба на жителите на префектурата Фукушима кои беа принудени да се евакуираат и да живеат десет години надвор од своите домови по несреќата во нуклеарната централа „Фукушима 1“.

Тоа беше предизвикано од големото цунами на 11 март 2011 година, кое се случи како последица на многу силен земјотрес со јачина од девет степени според Рихтеровата скала, чиј епицентар беше под морското дно во Пацификот, на 70 километри од брегот на Јапонија.

Станува збор за четири различни тужби поднесени колективно во градовите Фукушима, Чиба, Маебаши и Мацујама од вкупно околу 3.700 граѓани.

Со оглед на тоа што судовите во Јапонија се уште се соочуваат со околу 30 предмети во кои тужителите бараат обесштетување од државата, убедени дека таа е одговорна и за пропустите направени во планирањето, изградбата и работата на уништената нуклеарна централа, оваа пресуда, прва донесена од Врховниот суд, е практично преседан кој може да има големо влијание врз други слични тужби.

Нуклеарната централа Фукушима 1 е во сопственост на приватната компанија за електрична енергија во Токио (TEPCO) и судски совет составен од четири судии вчера одлучи дека постои добра причина да се верува дека инфилтрацијата на морска вода во фабриката не би била спречена ниту ако државата претходно и наложила на компанијата да преземе построги мерки за заштита.

Затоа, Судот го отфрли релативно скромното барање за компензација од 1,4 милијарди јени (еден милион евра, по тековниот девизен курс).

Цунами бранови, високи меѓу 13 и 15 метри ја поплавија електраната „Фукушима 1“ и го уништија нејзиното напојување, вклучително и генераторите кои требаше да се вклучат како резерва во случај на прекин на струја. Прекинот на струја значеше дека реакторите не може да се ладат.

Имаше прегревање, што потоа доведе до топење на јадрото на нуклеарното гориво, експлозија на прегреани гасови во три реактори и излевање на големи количини на радијација.

Би можело да ве интересира

Човекот кој најдолго на светот чекаше за извршување на смртната казна е ослободен

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Поплави во Јапонија: Шест лица загинаа, има и исчезнати, градските улици под вода

(ВИДЕО) Први снимки од разорниот земјотрес во Јапонија

Силен земјотрес ја погоди Јапонија, издадено предупредување за цунами

Четири лица загинаа во пожар во Токио

Силен земјотрес ги погоди јапонските острови